Фреската „Оплакување Христово“ од Св.Пантелејмон, Горно Нерези (1164 година), предвесник на ренесансата

„Оплакувањето на Исус“ фреска од 1164 година
„Оплакување Христово“
Црква Св. Пантелејмон, Горно Нерези, 1164 година

Св.Пантелејмон е манастирската црква во истоимениот манастир во с.Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата изградена во македонски стил и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, кое по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнени.

Историја

Манастирската црква „Св.Пантелејмон“

Црквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел, син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј I Комнен (1081-1118). За подигањето на црквата во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата, а чија содржината вели:
„Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господинот Алексеј Комнен, син на перфирородна госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година 6673 (=1164), при игуменството на Јоаникиј монах“.

Градба

Црквата која е изградена во македонски стил, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. За градење на црквата бил употребен обичен кршен камен, изваден во околината на манастирот и тули, кои со големо мајсторство се претворени во полихромни површини што го нагласува впечатокот како објектот да израснал од една монолитна стена, која во горниот дел завршува со една поголема осмострана и четири помали четиристрани куполи.

Од времето на градењето на црквата во 1164 година до 1555 година, кога во овој крај се случил еден од посилните земјотреси, манастирот бил целосно сочуван. Какви биле и колку настрадале старите манастирски конаци не е познато, но за црквата со сигурност се знае дека ја загубила централната купола во која што, може да се претпостави, бил насликан Исус Христос Седржител, со фигурите на пророците фланкирани од страните на осумте прозорци. Биле оштетени и некои од сводовите во кои биле насликани композиции што ги илустрираат Големите празници. Работејќи врз новиот живопис зографите настојувале да го сочуваат секој квадратен сантиметар од стариот, подредувајќи го својот цртеж и композиција кон фрагментарно сочуваните фигури од стариот живопис. Овие настојувања посебно ги илустрира композицијата „Причестувањето на апостолите“ насликана во просторот на апсидата, каде што под некои од новонасликаните светители се распознаваат и делови од телата на светителите што биле насликани во рамките на стариот живопис.

Во втората половина на XIX век врз постариот живопис бил насликан нов кој бил дело на невешт зограф, и со кој целосно бил покриен стариот живопис. Во 1926 година повторно е откриен поголем дел од стариот живопис.

Живопис

Над цоклето кое имитира разнобојни мермерни плочи, во првата зона се насликани фигури на светители во цел раст – неповторлива галерија на ликови со максимално издиференцирани физиономии. Во просторот на олтарот, по столбовите и на ѕидовите на црквата се насликани допојасни претстави на светители во медалјони, меѓу кои, со својот прекрасен колорит и ненадминлива експресивност, посебно се истакнуваат ликовите на светите врачи Кузман и Дамјан.

Во источниот дел на црквата, на челната страна, во посебни, копаничарски обработени штукатурни рамки украсени со орнамент од преплет на лозница широки листови и стилизирани пауни, се насликани од едната страна патронот на црквата Св. Пантелејмон, а од другата Св. Богородица со малиот Христос в раце. Св. Пантелејмон е претставен како висок, нежен и облагороден младич, кој во десната рака држи скалпел, а во левата кутија за лекови. Овие фигури со своите штукатурни рамки сочинуваат една целина со камениот иконостас од кој до денес останале: архитривната греда, еден столб со капител и дел од парапетна плоча.

Живописот во нерешката црква, е дело на повеќе раце, пред сè на рацете на двајцата главни мајстори. Тие се разликуваат помеѓу себе не толку спорèд цртежот колку според колоритот. В. Лазарев смета дека живописот го работеле неколкумина мајстори (четворица или петмина) и дека главниот мајстор е повиканиот мајстор кој дошол од Цариград. Неговата рака го извела живописот на најодговорните и најосветлените делови во црквата, а на тој дел му припаѓаат и најзначајните досега сочувани композиции: Сретение, Преображение, Лазарево воскресение, Раѓање на Св. Богородица, Воведение на Св. Богородица во храмот, Влегување во Ерусалим, Симнување од крстот и Оплакување Христово. Вториот зограф, според Лазарев, најблискиот помошник на главниот мајстор кој ја работел композицијата на Евхаристијата (Причестувањето на апостолите) и некои од ликовите на светите воини, работи во помалку сигурен манир и слика со нешто поразводнети бои. На овие двајца главни мајстори им помагале и двајца или тројца ученици чии раце можат да се распознаат во живописот изведен во нартексот и страничните простории. Врвно дело на главниот зограв се композициите Оплакување Христово и Симнување од крст.

Предвесништво на ренесансата

Детал од фреската „Оплакувањето на Исус“

Фреската „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и по живописувањето на нерешката црква. Но, Оплакувањето во Нерези од сите нив се разликува, не толку по иконографските посебности, колку по извесни елементи што се покажуваат како достоинство на непознатиот зограф од Нерези. Во прв ред тоа е нагласеното истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син со расчекорени нозе и тоа е единствена таква нејзина претстава во византиската иконографија. Нејзиното лице покажува болен израз на длабока болка, а погледот е вперен во лицето на мртвиот син кого што го држи во драматична прегратка.

Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија и дека всушност ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и Џотовата Св. Богородица, која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице. Ова значи дека преобразбата во ликовниот израз својствена за него и раноренесансните дејци во Италија е всушност започната во Македонија, 150 години претходно.

Споредувањето на сликарството на нерешките мајстори со Џото, само по себе наметнува едно прашање на ренесансните елементи во оваа сликарство.

Ликовите и композициите изведени со рацете на нерешките мајстори, претставуваат единствена галерија на врвните достигнувања на уметноста од времето на Комнените кои пристигнале до нас.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

− 1 = 1