Интервју со Владимир Панчевски: Голготата на еден професионалец во Македонија

Владимир Панчевски

Господине Панчевски, за оние кои не знаат многу за вас, како би се претставиле самиот? Можеме да ве преставиме како разрешен поранешен судија и претседател на Основниот суд Скопје 1 (Кривичниот суд) околу кој се крена многу прашина, но во времето во кое живееме и познавајќи ја состојбата во која се наоѓаме, оставаме место лично да нѝ се претставите.

Панчевски:

Јас сум само обичен човек како повеќето во државава, карактерно помалку или повеќе различен како што сме сите ние исти, но сепак различни: некогаш своеглав за да пркоси на негативните општествени случувања и секогаш борец за правда, но пред сѐ татко на два прекрасни сина кои сега зачекоруваат во животот чуствувајки ја сета тежина на секојдневието која сите овие години секој од нас во Македонија ја носиме на сопствениот грб. Повеќето кои не знаат многу за мене, се оние што се запознаени со случувањата изминативе години преку медиумите. Останатите, односно оние со кои сум работел последните две децении, добро ме познаваат, особено го знаат делот на мојата работа и професионализам, познати им се моите стручни квалитети, широки познавања и ставови од општественото живеење, а најдобро од сѐ моите стручности во светот на правото кое не е профитабилна, туку општествена благородна наука, што за жал во Македонија не е така. Многумина знаат и дека сум тврд и истраен, па така и овој пат ќе истраам во борбата: можеби ја одам подолгата патека, но сигурен сум дека правдата ќе победи и дека судот во Стразбур кој не е во канџите на политиката, особено далеку од овој хибриден режим и институции со полтронски однос, ќе досуди правично и ќе ги констатира сите повреди што во неколку постапки ми се нанесени.

За оние што не ме познаваат туку се ослепени со кампањата на власта против мене и веруваат во сликата што тие ја креираа за мене сите овие години дека сум работел надвор од законот, дека незаконски сум стекнал капитал преку функцијата итн.: изминатиов период се покажа дека е лажно и измислено и пред сѐ на обичните луѓе им стана јасно дека е моја борба со институциите, односно персонални политички испостави на власта која очајно конструира случаи против мене. Просто кажано, се измислија какви сѐ не обвинувања и секогаш завршуваа без конкретен исход, но секако неповолно за мене, а за да се задоволат политичките страсти на власта. Така фактите зборуваат дека „корумпираниот“ Панчевски не земал ништо со корупција и незаконитости, не се појави ниту еден случај како оној „Едно евро за Виц’то и Црквата“ јавно на очиглед на сите или барем да се појавеше некој лик кому јас сум му земал поткуп или бсум ветил од материјален интерес да му завршам некоја службена работа; така „инкриминираниот“ Панчевски е само инкриминирано анатемисан да биде жртва на оваа власт да ги сокрие сопствените криминали за да прикаже лажна реформа на правосудството, но и истовремено да нема претставник на правосудната власт кој ќе им се спротивстави од внатре. Се надевам дека ќе дојде денот кога поединци и претставници на партии ќе одговараат за сите овие измислици и лаги конструирани против мене, а вистината за мојата работа, како и за сите партиски нарачки, ќе излезат јавно. Сепак животот продолжува, ништо не е вечно освен борбата со искушенијата во еден човечки животен век.

Хајката против вас ја започна тогаш формираното СЈО. Ви беше вршена тортура од секаков тип, дури и приватно со насилен упад во вашиот дом кога ви беше украден и клучот од влезната врата, а за што има и снимки од вашите безбедносни камери. Кој и на основ на што издаде налог за тоа?

Панчевски:

Тоа што јавноста малку знае е дека хајката врз мене започна една година порано, некаде ноември 2016-та, кога градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски ме стави во фокусот на јавноста, па покрај професионалните напади бев и приватно нападнат со цел да ми се причини лична материјална штета која би ме скршила и ставила на располагање на мафиите во државава. Тогаш за прв пат во историјата на општината Центар еден градоначалник донесе решение за уривање на така наречена „дивоградба од 5 спрата“, објект кој е семејно наследство од 1928 година чиј сосопственик сум со уште две лица, кој во тој период го реконструиравме и саниравме со кредит од Комерцијална банка Скопје и медиумски беше прикажан како незаконско градење иако за сѐ имаше уредни дозволи.

Дејвид Стивенсон, поранешно
политичко аташе на амбасадата на САД

Интересно беше дека во оваа игра беа вклучени двете големи политички партии, и СДС и ВМРО-ДПМНЕ, а настанот со наводното рушење, иако незаконско, беше како последица од незадоволството на тогашниот главен координатор за СЈО, политичкото аташе на американската амбасада Дејвид Стивенсон, и политичкиот врв на двете спротивставени партии. Стивенсон, по заминувањето од амбасадата, знаеме дека подоцна стана и советник на СЈО, но и основач на фирма во Македонија заедно со актуелниот адвокат и личен пријател на Зоран Заев, Филип Медарски, а она што е интересно е дека фирмата носеше име „Стејткрафт“ или „Проект држава“. Тоа беа луѓе во тој период тешка артилерија за сегашнава власт – тогаш опозиција, нормално ВМРО-ДПМНЕ тогашните политички претставници бидејки никогаш не сум бил член на ниту една политичка партија го искористија маневарот што тогаш во фокус беа Кривичниот суд и предметите на СЈО тоа што бев актуелен претседател на судот и преку мене правеа сопствен дефокус. Ова докажува дека сите во Македонија, помалку или повеќе, сме во залог на политиката која еве, за мене после 24 години правна кариера беше фатална, на некој начин.

Ако се навратам малку наназад, заканата со рушење на објект во реконструкција во приватна сопственост беше одговор на цврстиот став на судот кој јас како претседател јавно ги коментирав незаконитостите и злоупотребите на СЈО во тоа време и што не постапив по директните наредби на Дејвид Стивенсон, тогаш официјален дипломат, кој долета во мојот кабинет со барање до мене лично, судот да го прифати предлогот на СЈО за притвори против тогаш актуелни функционери веднаш после првата прес-конференција на СЈО за случајот „Титаник“.

Би додал дека судството во тој период и периодот пред тоа имаше реализирано повеќе партнерски проекти на Американската амбасада и УСАИД за поддршка и реформа на правосудниот систем, па оттаму имаше и редовна комуникација со персонал на амбасадата, а не беше прва средба со Стивенсон – мислам дека беше трета или четврта. Знам дека првата беше кога се запознавме при заминувањето на претходното аташе, господинот Стонер во резиденцијата на Водно, а потоа два пати во вилата во Бардовци каде престојуваше Стивенсон секогаш на негова покана. На еден од состаноците присуствуваа и професорот Калајџиев, професорката Беса Арифи и адвокатот Никола Додевски, но ова беше многу порано, можеби 6 месеци пред воопшто да биде формирано СЈО и избрана Катица Јанева. Стивенсон најмногу го интересираше подобноста на аудио снимките – бомби кои ги пушташе СДС: дали може да бидат валидни како доказ во судските постапки и очигледно беше дојден да го трасира патот на СЈО за кривичен прогон. Мојот став од почеток до крај беше дека тоа се „овошки од отровно дрво“ и не може нешто незаконско да биде законски употребено, што подоцна, по 5 години голгота и човечки судбини видовме како заврши и дека „аудио бомбите“ не се доказ.

Понатаму, во декември 2016-та заврши мојот 4 годишен мандат како претседател избран во 2012-та година и јас продолжив да работам како судија во судот. Интересен момент за јавноста е дека во тој период мој близок соработник, човек кој сум го нарекувал пријател, кој беше учесник во Шарената револуција и јас за тоа знаев, поднесе тужба за мобинг и се обиде да крене бунт на судската администрација за да подоцна, по доаѓањето на Зоран Заев на власт, стане негов советник, но истовремено беше и унапреден во одговорен за управување со човечките ресурси во судот. Нешто што до сега не сум споделил со јавноста е дека ова лице, Горан Стаменковски, сега сеуште на позиција во Кривичниот суд, уште во декември 2015-та, уште пред пуштањето на аудио бомбите од страна на Зоран Заев и СДС, ме повика и преку УСБ на неговиот телефон ми пушти незаконски снимени разговори од одредени јавни личности, судии и функционери кои зборуваат за актуелни состојби во судот со кој раководам, но и приватни разговори од бизнисмени и адвокати. Јас тоа нормално тогаш го пријавив бидејки сметав дека беше режирано да на суптилен начин, политички се влијае врз мене и бидам обработен пред започнување на проектот „Вистината за Македонија“ со јавно објавување на аудио бомби на СДС дека некој таму поседува незаконски разговори кои може да бидат компромитирачки за мене. Но, никој не реагираше по мојата пријава. Секако ова е документирано, има материјални докази и обезбедено од моја страна во прилог на овие тврдења и чека ден кога во Македонија ќе има нормална власт да го процесуира тој настан и вклучените во обидот за уцена со вакви материјали глобално во целиот предмет на „државен пуч“ и сѐ што подоцна се случуваше во државава. Интересен е моментот како ова лице уште во 2015-та имало во посед аудио бомби, кој му ги дал и со која намера?!

Во октомври 2017-та повторно почна нова голгота: тогаш од СЈО беше извршен претрес во мојот судски кабинет и во мојот дом пропратено со медиумска кампања како за криминалец од највисок вид. Претресот го вршеа Катица Јанева и Ленче Ристоска лично со поддршка од најмалку десетина истражители, беше извршен врз основа на наредба од ненадлежен суд, судот во Гевгелија, а наредбата ја издаде претседателката на тој суд Злата Попова. Тоа што е интересно е дека истиот ден во судот упадна со политичка одлука на СДС како новодојдена власт, се формираше политичка комисија на Министерството за правда наменски со специјална задача за контрола на АКМИС системот и тоа само во Кривичниот суд предводена од судијата Лазар Нанев за да се изврши целосен притисок врз Кривичниот суд и судиите да ги прифаќаат и постапуваат по предметите на СЈО со конкретен посакуван исход за новата политичка гарнитура. Ах, да: Нанев подоцна од Владата доби 7 милиони денари за неговата невладина и стана претседател на судот во Кавадарци!

Она што е целосна вистина е дека и после цели три години од незаконскиот претрес и медиумската хајка на СЈО нема никаков исход, иако ми беа одземени приватни телефони, компјутери и таблети на моите деца во вкупна вредност од околу 4.000 евра кои до денес не се вратени. Во однос на претресот од моја страна во Македонија беа искористени сите правни средства, но без успех бидејки тогаш Катица Јанева и СЈО беа под државна заштита. Јас тогаш поднесов кривични пријави и претставка за разрешување на Катица и Ленче, но обвинителството отфрли сѐ, а кражбата на клучот ја протолкуваа како ненамерна грешка на истражителот Видое. Сега ја чекам одлуката на Европскиот суд за човекови права каде за злоупотребите по повеќе основи се поднесени две апликации кои судот во Стразбур ги прифати во прва фаза на одлучување. Постапката на правда е започната и таа секако ќе има свој исход, но она што е поразително е дека живееме во држава во која и покрај постоењето на снимки за кражба на клуч од приватен дом, надлежните институции ја негираа снимката и според нив не постои кражба. Но, тоа ќе се докаже и ќе се документира дека СЈО и судот во Гевгелија по нечија наредба постапија незаконски и сигурен сум дека во иднина ќе ги сносат последиците. Иако Катица Јанева го покажа своето лице, важно е да одговараат сите оние кои тогаш ги прикриваа незаконитостите и криминалот кој го правеше СЈО, за што требаат уште цели две интервјуа за да се образложи кои сѐ луѓе се наоѓаат во институциите и решаваат за судбините на граѓаните на Македонија. Како тригер за јавноста може да споменам дека по жалбата на мојата кривична пријава за Катица Јанева и Ленче Ристоска – која експресно беше отфрлена – одлучуваше Јелица Медарска, мајката на пријателот на Зоран Заев, јавно спомнатиот адвокат Филип Медарски.

На крајот на ова прашање би додал дека ваквите сценарија за уништување на луѓе – професионалци не се непознати во нашата држава: ги има во сите сфери на живеењето. Реално, политиката од белото ќе направи црно и секој што ќе ѝ се спротивстави ќе го обеси на криво магаре што е доказ за правната несигурност, немање на вистински институции и воопшто стабилен правен систем, па затоа сите во Македонија можеме да бидеме уценети и под закана за да им служиме. Како појаснување, за читателите попластично да го разберат овој мафијашки систем на владеење на политичарите и бизнисот во Македонија, е случајот со Општина Центар за рушењето. Еве, во управна постапка мојот објект веќе 4 години не може да биде довршен иако има 4 вештачења кои кажуваат дека објектот немал отстапувања од последната состојба при санацијата и второстепената комисија не смее да донесе одлука бидејки ќе биде во моја корист. Интересно беше она „Панчевски сам ја руши дивоградбата“ што беше точно: ние како семејство тогаш решивме да делуваме дефанзивно бидејки крајната цел беше мое комплетно приватно и материјално уништување и одземање на објектот кој беше под хипотека за кредит во Комерцијална банка која истовремено со делувањето на општината го стопираше и финансирањето. Тоа функционира вака: имаш имот, некој намислил да ти го земе, ти си се задолжил кај „кредибилна банка“, влегува општината, демек има незаконитости, носи решение за рушење, руши и те задолжува со енормни трошоци кои извршителите ги наплаќаат присилно веднаш, ти си банкрот, а банката го зема објектот заради хипотеката и остануваш без сопственост со помош на мафијашките закони во кои учествуваат големите интереси! Ете затоа тогаш решив да го срушам последниот постоечки спрат, па објектот сега е со еден спрат помалку од она што е запишано во имотен лист. Така функционира „законот“ во Македонија!

Најголемиот чад во врска со вас се крена околу случајот АКМИС. Имено, овој систем за распределување судски предмети е подарок од американската амбасада во Скопје, а програмските кодови за управување и едитирање на тој систем се (сеуште?) во нивна сопственост. Логично е дека дури и да сте сакале, не сте можеле да вршите распределба на предмети по ваш аршин затоа што ако не сте оној кој ги поседува програмските кодови за управување и едитирање на АКМИС системот значи дека сте само негов – корисник.
За што всушност бевте обвинети?

Панчевски:

Во ова и лежи клучот на хајката за мое отстранување од правосудството: Извештајот на политичката комисија за АКМИСОТ при Министерството за правда, по долги конструкции на власта и преголема желба за прогон врз мене, се изменаџира и политички се движеше во два правци со ист очекуван исход. Така, најпрво Извештајот се достави до Судскиот совет кој со промена на сите членови по доаѓањето на новата власт и на чело со претседателот Киро Здравев се спроведе експресна постапка за моја суспензија како судија за наводни дејствија кои сум ги сторил пред повеќе од 3 – 4 години наназад како претседател на судот. Сепак бев суспендиран, а подоцна и разрешен од судија за нешто што сум го сторил како претседател, иако судија и претседател на суд се различни функции со различни одговорности, овластувања, права и обврски. Симултано, со постапката во Судскиот совет за истото, се нарача и обвинение за Злоупотреба на службената положба и овластување каде јас наводно со рачно распоредување на вкупно 40 предмети на Јавното обвинителство за 4 години мандат, замислете, сум ги повредил правата на странките во постапката на доделување на предметот на судија, бидејки наводно тоа не било по случаен избор иако за тоа никој не приговарал, секоја од постапките ја водел различен судија и учествувал јавен обвинител, а предметите подоцна ги поминале и сите судски инстанци по жалба и вонредни правни лекови. И иако вакво распоредување имало и од уште двајца ВД претседатели и еден претседател пред мене, судијата Лидија Неделкова во моментов ужива во комоцијата на судската функција во Врховниот суд. Интересно е тоа што Судскиот совет како управен орган разрешувањето го темели врз обвинение на злоупотреба, а постапката по обвинението на обвинителството сеуште не е ни започната, што значи не е сеуште ни докажана. Намерата е јасна: конструкции на државните институции по секоја цена задолжително да ја завршат работата така што ако едниот начин не успее, другиот ќе успее, но Панчевски ќе се занимава со самиот себе и нема да ѝ пркоси на власта.

Работните простории на судијата

Замислете ја оваа ситуација: Обвинителството години наназад покренувало обвиненија против криминалци, судии им суделе по предметите во сите судски инстанци, Кривичен суд, Апелација Скопје и Врховен, се менувале и застапувале обвинители и судии, ама сега само Панчевски е виновен што предметите ги распоредил на избрани судии во судот, демек не е битно кој судел и како судел во предметите туку предметите требало да бидат доделени преку електронска програма АКМИС, а не преку АКМИС програмата Панчевски да ги дава на судиите и поради тоа повредени биле правата на обвинетите (читај криминалците) парадоксално, но вистинито. Во голготата на Панчевски овие четири години е интересно дека во Кривичниот суд овие предмети секако би биле распоредени на 20 судии кои постапувале по распоред во дадената област без оглед дали Панчевски или АКМИС-от ги распоредувал, но тоа никој не го провери ниту некој провери дали АКМИС-от функционирал, дали распоредувањето било рендом или само на Кацарска??? Како што беше тоа со клучните политички предмети кои ги поведе СДСМ против своите противници, никој не провери дали имало реално причини за распоредувањето, дали повисоките судови ги потврдиле одлуките на судиите и слично, туку Панчевски е виновен што на криминалците им се судело и тој „знаел и сакал“ да бидат осудени криминалците и „сакал“ намерно да им направи штета така што предметите ќе ги даде да ги судат судии, замислете, судии, не земјоделци од Муртино, и уште повеќе Панчевски знаел каков ќе биде исходот во сите судски инстанци дури до Врховниот суд???

Како новина која до сега не е објавена во јавноста можам да потврдам дека клучевите за АКМИС-от како софтвер за електронска евиденција на предметите во судовите е донација од Американската влада преку УСАИД и скоро до 2014 година клучевите, односно логовите за влез и контрола ги имаше УСАИД, односно од нив фирма контрактор и без нивна согласност не можеше да се интервенира ниту се имаше пристап до системот, за да може овој систем да се применува Владата во 2011 година донесе Закон за управување и движење на предметите кога овој систем почна да се користи како електронски уписник кој ги замени дотогашните книжни уписници во кои се заведуваа предметите во судовите. Лагата да биде поголема, со обвиненијата против мене се прави манипулација дека небаре овој систем сам работи, доделува и движи автоматски предмети од судии и администрација, но во реалноста не е така, посебно што од 2011 година па уште до денес овој систем сеуште не е целосно функционален и постојано се надградува, за што постои и Работно тело во Врховниот суд кое треба да ги координира проблемите за ефикасна имплементација. Но, ништо од ова не беше важно, најважно беше да се смисли конструкција и Панчевски да биде елиминиран. Овде интересно е да се спомене дека Кривичниот суд во текот на 2014 и 2015 година беше предмет и на хакерски напади за што беше пријавувано и во МВР, кои ги земаа серверите на судот, констатираа недозволени софтвери, се направи заштита и повторно се стави во употреба, но до ден денес остана нејасно кој, како и зошто вршел хакерски напади на серверот на судот, ниту пак некому му е важно ова прашање.

Како го гледате епилогот од вашето разрешување од функцијата поранешен судија и претседател на Основниот суд Скопје 1? Судиите работат во име на државата, а нашата некој ја натера да ви го одземе статусот поради очигледен конфликт на интереси со правдата. До каде сте подготвен да одите со неправдата која ви е нанесена?

Панчевски:

Како што напоменав и погоре, јас ќе одам до крај, истраен сум во борбата, победата ја чекам пред судови надвор од нашата држава бидејќи во овој момент живееме во заробена држава и заробено судство кое дефинитивно ѝ служи на политиката. Иако многу невладини организации, па и експертски мисии во минатото констатираа дека постои знак на равенство помеѓу партијата на власт и државата, тоа сите овие 29 години независност не се смени дотолку повеќе што партиските инсталации сѐ повеќе се засилија во правосудниот систем бидејки политиката најде начин преку судството и обвинителството да се пресметува со политичките неистомисленици и опоненти, како и преку истото да ги прочистува сите грешки на политиката и тоа не е случајно. Глумејки правен систем, само во јавноста се прави приказ за постоење на правна држава која во суштина не е правна бидејки не им служи на граѓаните туку на политичките интереси и влијанија. Обвинителството и судството во овој момент се под команда на Заев и неговите коалициони и бизнис партнери и, како што сите гледаме, се гони и постапува само по политички важни предмети. Но, животот не е само денес или утре, 3 години трае прогонот врз мене како личност и како професионалец, очекувана е нивната бруталност да одат до крај, можеби и тоа ме прави посилен и поистраен, па се надевам дека еден ден сите до еден ќе зажалат за нивната одлука да ги слушаат наредбите од нивниот шеф Заев. Мене ова не ме загрижува бидејки како професионалец сум општествено свесен за тоа што прават, што сакаат да постигнат и кои се последиците од тоа. Овде е битно да се напомене дека во Македонија во пракса постои одлично разработен модел на исцрпување на вистинските професионалци, оние кои не ѝ служат на политиката. Имено, се употребува тактика системот под команда да ја нападне единката која политички е неподобна и се спротивставува, да се пронајде или измисли некаков случај и да се втурне во агонијата да се докажува низ лавиринтите на нефункционалните институции, секако со познат негативен исход кој процес може да трае од 5 до 10 години, по што таа личност е исцрпена и материјално и физички, но и професионално. Политичарите се свесни дека на тој начин се ослободиле на долг рок од нивниот неистомисленик бидејки правдата е спора и најчесто доаѓа после многу години, а со самото тоа станува и сурова неправда. Обичните луѓе не го знаат ова и најчесто се борат до исцрпување, а најчесто се работи за судбини на семејства кои не ретко завршуваат и со здравствен проблем.

Немилите состојби се одразуваат на сечиј живот, но сакале ние или не, се одразуваат и на нашите семејства. Како вашето семејство го преживува и се справува со сево ова што ви се случува?

Цртеж од постариот син Филип

Панчевски:

Лично јас го носам целиот товар, не дозволувам целата ситуација да влијае врз среќата и животот на моите блиски, особено децата, иако се разбира дека тие не може да не ги чуствуваат настаните со мене бидејки чувствата не можат да се сокријат колку и да се обидувате. Неуспехот ве натажува особено кога се борите со смислено конструирана неправда со познат исход. Имајќи ја предвид целата состојба во државава, тоа што се случи со Македонија и товарот на овие неколку години ги чувствуваме сите и помалку или повеќе е јасно дека сме несреќни сите бидејки и по 30 години очигледно е дека нема перспектива во сопствената татковина што секако е поразително за секој од нас, особено што дури и сега да се почне со развој потребни се години и години да се одвоиме од дното во кое се наоѓаме, а тоа значи многу изгубени генерации наназад и во иднина. Генерално се обидувам да ги апстрахирам проблемите и поголемо време и внимание да им посветам на децата, секако осмислувајки како до нивна посветла иднина.

Со оглед на вашата претходна функција на која бевте назначени од опозициската партија (дали бевте од нив назначени?) и отворениот лов на секој кој имаше било каква блискост со претходната власт, може ли да се каже дека господинот Владимир Панчевски е жртва на освета на сегашните нелегитимни властодршци кои сакаат да прегазат сѐ што е поврзано со нивните претходници, во прашање е нешто лично или можеби едноставно не им одговара правдата и законот да владеат со државата?

Панчевски:

Не би се согласил дека сум бил назначен на функција од опозициската партија, ниту дека сум бил на било каков начин дел од опозициската партија. Никогаш не сум бил член на било која политичка партија. Мојата кариера почнува уште далечната 1996-та година како приправник волонтер во Основниот Суд Скопје 1, сега Кривичен суд и продолжила секогаш во правосудните институции. Мојот избор за судија е во 2007 година, од претходна позиција Советник на директорот на Финансиската полиција кога бев избран на јавен оглас. Претходно имам конкурирано на можеби 20 огласи за обвинител или судија бидејки сметав дека таа позиција е предизвик. Она што многумина не го знаат е дека претседател на Кривичниот суд станав сосема случајно бидејки од тројцата судии кандидати во Кривичниот суд кои бевме за тоа место претседател, меѓу кои беше и колегата Марјан Колишевски (кој во тоа време беше ВД претседател на судот и истовремено и фаворит за местото претседател) за жал почина токму во трката за првата позиција претседател, по што огласот се поништи, па во следниот повторен оглас во трката останавме само двајца кандидати од претходниот оглас, по што Судскиот совет ме избра мене во декември 2012 година со мандат од 4 години. Од овие причини не сметам дека на било каков начин сум поврзан или може да бидам поврзан со претходната власт или политичката партија која во време на мојот мандат како претседател била на власт. Ова може да го потврди секој што барем малку ме познава или ги познава состојбите. Точно е дека јас јавно се спротивставив на незаконитостите на СЈО и во текот на извршувањето на функцијата на некои легитимни барања на опозициската СДС и таму го гледам генерирањето на набојот на оваа власт кон мене.

Нарачки во нашето судство станаа секојдневие. Дали во времето кога бевте претседател на Кривичниот суд и судија можеби бевте замолени/требаше по нарачка некого кривично да го осудите, а не го сторивте тоа?

Панчевски:

Овде нема многу да се каже бидејќи за „корумпираниот Панчевски“, како што ме претставуваат, не видовме ништо незаконито спечалено или некој да се пријави дека ми дал или сум земал при вршење на судиската функција, а тоа што сум разрешен е уште еден доказ дека со мене не функционира тој криминален систем. За сите овие години и целиот прогон со сета сила врз мене не видовме ниту еден судија да каже дека сум му влијаел по конкретен предмет. Зад мене стојат пресуди и одлуки кои се потврдени до највисоките инстанци во судството, како судија секогаш сум судел објективно и во рамките на законот. Македонија е мала земја и лесно се доаѓа до секого, но најважно е и да се сослуша секој: моите пресуди се обработувани и во книги и се обемни со целосна правна анализа. Во духот на последниве аудио бомби за адвокатот Димишков се присетувам на случајот за Бајруш Сејдиу каде се работеше за криминален стечај на пет стечајни фирми во најголемиот град – загубар Куманово. Основното ми беше со пресудата да се врати имотот на работниците, тие да бидат обештетени, иако сега слушаме дека Димишков правел бомбона бизнис од 3 милиони евра од судскиот предмет во повисоките инстанци како што самиот кажува.

Интересен е моментот дека пред мене претседател на Кривичниот суд беше судијата Лидија Неделкова која сега е судија во Врховниот суд. Таа уште како претседател на Кривичниот суд пред мене знаеше да испорача некоја нарачка и оваа пракса мислеше дека ќе продолжи со нејзино влијание и откако стана претседател на Врховниот суд во 2012 година. Но, јас карактерно не сум човек што спроведува нарачки и уште тогаш јавноста знаеше дека не сме во добри односи. Сепак, нејзините приватни и други релации со судиите во Кривичен јас не сум можел да ги спречам, па често кога ќе сум утврдел некакви нарачки и инструирани постапувања на судиите сум реагирал во рамките на моите овластувања да прераспоредам судија и слично. Интересно е дека мафијашките испостави како оваа сеуште се дел од судството и функционираат многу добро, тоа го слушаме и во новите аудио бомби, и убеден сум ќе излегуваат уште многу. За мене никој не објави бомби ниту ме посочи за конкретна корупција, иако и Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија правеа медиумски спектакли од имотот и имотната состојба на Панчевски, но конкретен исход немаше и не може да има. Јас тоа го знам и верувам во себе, знам што не сум правел, но знам и против кое зло сум се борел. Уште би додал дека мојата совест е комплетно чиста, а тоа што е интересно е дека добивам поддршка и од лица кои сум ги осудил на затворски казни, но кои се свесни и реални зошто и како дошло до постапка против нив и чесно ја прифатиле казната колку и да била тешка за нив и нивните семејства. Тоа ми е најголемо признание за чесниот и професионален однос како судија. Нормално, човечки и природно е осудениот да го напаѓа судијата и неговата одлука, но не е нормално судијата од материјален интерес да носи ваква или таква одлука. Затоа е судството до ова дереџе и недоверба!

На македонскиот народ сте му особено драг поради вашите патриотски и национални определби, како и партиска необоеност. Сепак ќе ве прашаме, дали сте можеби сега член на политичка партија? Без разлика на вашиот одговор, имате ли идеолошки несогласувања со двете најголеми политички партии во Република Македонија? Мислите ли дека е потребно нешто да се промени во опозициската партија за да има подобри резултати од нивното делување? Ова прашање нема да ви го поставиме за актуелната нелигитимна постава која до сега е најпогубната за Македонците воопшто.

Панчевски:

Јас не сум човек кој може да прави компромис со правото. Правото е благородна и егзактна наука уште од старите римјани и треба да е во корист на човештвото, да расчистува, не да генерира проблеми меѓу луѓето. Правната сигурност на луѓето е еден од најважните фактори за вистинска правна држава. Би појаснил дека моите патриотски и национални определби се мое лично чувство, дух во кој сум воспитуван и во кој јас ги воспитувам моите деца, а народот го препознава и поддржува тоа. Моите национални и патриотски чувства немаат врска со тоа што јас сум или не сум судија, јас сум пред сѐ Македонец и сметам дека имам обврска таа традиција да ја негувам и надградувам бидејки друга татковина немам. Со тоа што сум Македонец се гордеам, но истовремено сум гневен на политичарите на власт за сѐ што му направија на овој народ и држава водејки се од лични и материјални интереси.

27 април 2017 и нелегитимноста на функционирањето на институциите на Република Македонија од тој миг наваму наметнуваат прашања на кои многумина сакаат да добијат одговор. Го цениме вашето експертско мислење, па следствено:
Ако сѐ е нелегитимно, освен мандатите на пратениците, како е можно да функционира држава во која со пуч се наметна власт која работи против волјата на Македонскиот народ и кое е решението за воспоставување на правна држава во која ќе владее законот и ќе има ред? Колку ѝ е рокот на траење на таквата творба? Кој ќе одговара кривично за сето тоа?

27 април 2017

Панчевски:

Точно е дека на 27-ми април 2017 година беше кулминацијата на незаконието кое се надвисна над Македонија, а сѐ почна со државниот пуч преку јавно објавување на незаконски снимените разговори кои преку влијанието на странските фактори и интереси во државава доведоа до сериозна дисторзија на и така слабиот систем рушен неколку години наназад преку невладини организации и така наречени борци за права. Во целиот проект се сруши целокупниот правен систем и се воспостави заложничка криза на целото општество која ја наметна новата власт на СДС и Зоран Заев. Видовме дека нема човек чија глава не е уценета и под страв, видовме дека и самиот Зоран Заев е извлечен од прогон за да ја води вака срушената држава кон странски агенди. Сѐ што беше квалитет и знаење се сруши, слободната мисла беше антемисана како патриотска во најлоша смисла на зборот – националистичка и ретроградна, традицијата беше иссмејувана како антиквизација сѐ со цел да се срушат столбовите на традицијата и идентитетот што насилно, без волја на народот, се смени вековното име на оваа територија и држава. Наметнатата власт со случајот на патриотите – терористи во сопствената држава го скрши и последниот зрак надеж дека некој во следниот период ќе може да се спротивстави на ненародната октроирана власт со помош на странските сили и булдожер демократија. Македонецот стана прогонуван и суден како терорист во сопствената држава, а наспроти тоа се форсираа апетитите на сите надворешни интереси на нашите соседи, но и на внатрешните сожители од албанска националност кои уште еднаш по војната во 2001 година ги засилија и актуелизираа своите националистички и иредентистички барања, посебно институционално каде од 2001 година се вештачки вградени во системот. Овој малцински процент на клуч за нивно институционално вградување, на македонската држава ѝ донесе многу негативни придобивки и секако го закочи развојот за светлосни години. Доволно е да се спомене фактот дека од таму потекнува изворот на корупција и криминал, ниско ниво на граѓанска послушност во делот на неплаќање на даноци, сметки и слично, и најмногу вештачки пополнета по клуч администрација која воопшто не доаѓа на работа бидејки во голем дел нема стручни и квалификувани знаења, но прима плата и е гласачко тело за албанскиот блок кој веќе стана политички услов без кој не се може. Вака концепираната држава дефинитивно не може да издржи на долг рок, но сепак и тој период е голем за нашиот животен век, поради што и голем број на населението се отсели во други држави во потрага по сериозна правна и економска сигурност. Дефинитивно некоја идна влада ќе мора да ги преиспита сите досегашни одлуки, да ги детектира и редефинира сите овие негативни појави кои веќе 30 години ја влечат Македонија надолу во развојот, дефинитивно мора да се воведат еднакви стандарди кои ќе важат за сите подеднакво, стандарди кои ќе бидат демотивирачки за оние кои решиле државата да биде сопственост на мафиите, олигарсите, банките и кога тие се пресметуваат да трпи целиот народ. Ова е мала држава, а ред и поредок најлесно се воспоставува во такви држави: треба само волја и добар тим со чесни и искрени намери кој нема да биде уценет и купен за странски интереси. Ова прашање зафаќа преголем спектар на области и сфери на делување за што малку би биле уште две интервјуа.

Сведоци бевме на прогласување на вонредна состојба во Република Македонија поради состојбата со COVID-19 и воведување на полициски час повеќе од еднаш. Јавноста дебатираше околу ингеренциите на (повторно: нелегитимниот!) Претседател на државата кој има право да ја прогласи истата, но дали и повеќе пати? Кои сѐ реперкусии следат од злоупотребата на неговата функција?

Панчевски:

Сметам дека власта ја искористи пандемијата. И како што претходно ги направи сите експерименти со промената на Уставот и неуставниот и антидржавен договор од Преспа, така и во оваа смисла импровизираше со некакви надуставни ингеренции сакајки да го прикаже претседателот како човек со државнички одлуки во интерес на граѓаните, што повторно беше само во целите на теснопартиски интереси да ја покрие техничката влада која има легитимитет само да организира избори, да може да носи уредби со законска сила од кои некои немаа ни елементарна врска со пандемијата, а најмалу да ги спроведува и усвојува влада која нема ниту законски, ниту уставен мандат за вакво нешто. Тоа уште еднаш покажа дека политиката никогаш не размислувала заштитнички кон државата и народот за да може да предвиди што ако се случи вакво нешто, туку дека ад-хок ги решава проблемите притоа со единствен приоритетен интерес да профитира на грбот на народот. Одговорност и преиспитување на сѐ што се случуваше овој период мора да има и проценка на штетите и причините за оваа состојба мора да има, секако доколку новата власт сака да почне со градење здрави основи за идно здраво општество. Ставањето под тепих на проблемите и особено амнестирањето на факторите за сите негативни појави, криминални активности и злоупотреби мора да има, но и ако нема народот порано или покасно самиот ќе го побара тоа, бидејки и како народ и како општество за овие 30 години сме многу созреани за сѐ што поминавме.

Во состојба на пандемија, која особено во Република Македонија не е под контрола, нелегитимната власт во државава, слободно можеме да кажеме дека, на некој начин наметна избори сред лето. Нормален човек ќе се запраша дали навистина постои пандемија или во прашање е нешто сосема друго.
Ние сме на мислење дека позадината на ова инсистирање е економската ситуација на Македонија која е повеќе од очајна и полошо не било никогаш. Меѓу експертите се зборува за очекуван банкрот. Човек да помисли дека за овие три години успеаја намерно да ја претворат државата во Титаник и сега само се чека моментот на почетокот на катастрофата.
Трета опција како сериозен политички фактор нема ни на повидок, а отпорот е толку расситнет со сите стари и нови политички партии, здруженија, движења и што сѐ не, што се добива впечаток на политички хаос во кој можат да се снајдат само оние кои во моментов го држат воланот во свои раце.
Не сте аналитичар, но јасно е што ќе се случи на избори за кои не е потребен цензус: победник ќе има. Не бараме да типувате кој ќе го носи ловоровиот венец, но кое е вашето мислење: што ќе се случи со Македонија ако се задржи на власт актуелната (нелегитимна) политичка постава, а што ако дојде опозицијата? Дали опозицијата ќе го продолжи проектот дивотворба експресно?

Панчевски:

Искрено, не ни сакам да помислам што во таков случај. Мислам дека тоа ќе биде крајот на оваа држава кој тогаш ќе се случи многу брзо бидејки сите соседи очекуваат само момент кога да ги прошират своите аспирации. По вештачки пат ќе станеме туѓа територија која преку процес на замена на население ќе ја анектира и обезличи етничката карта на Македонија и со тоа полека, но сигурно ќе го изгубиме идентитетот како и суверенитетот кој како Македонци го имаме. Овој процес е тргнат, аспирациите и од надвор и од внатре се големи, а оваа власт докажа и покажа дека има антимакедонска агенда. Просто е како и во правото, гледајте го како микро ситуација: земја без сопственик секогаш сакаат да ја узурпираат најпрво комшиите, и внатрешни и надворешни. Истото ќе се случи и ако опозицијата продолжи од тука па натаму со наводен економски развој без сериозно да ја ревидира целокупната состојба до сега и да ги исправи сите намерни грешки во системот на кои веќе 30 години се сопнува ова македонско општество. Според мене, дивоградбата треба да се сруши, дивите градители да го добијат заслуженото и да се започне со реструктруирање на системот на здрави основи, а не врз основа на „клуч и рамка“.

За Македонија во светот знаат дека сѐ е во ред, а единствени поплаки кои нашите нелегитимни челници ги имаат се само во врска со короната. Сепак, од 2013 година наваму постои проблем на глобално ниво. Станува збор за проневера на средства преку различни фондации кои се директно земени од американските граѓани кои редовно плаќаат данок во САД. Таму пак (во САД) се сигурни само две работи: плаќањето на данокот и смртта.
Претседателот на САД Доналд Трамп направи сѐ за да се иницира судски процес против паралелниот систем (длабоката држава) во Соединетите Држави. Од Украина активно се вклучуваат настраданите како сведоци во тој процес. Дали некој од Македонија ќе учествува како сведок? Можеби вие?

„Сите ќе бидат еднакви пред законот“

Панчевски:

Овој процес за рушење на длабоката држава од страна на претседателот Трамп е започнат и во моментов се одвива на два фронта, внатре, но и надвор преку рушење на глобалистичката политика на претходното раководство на демократите во САД. Ова е тежок и болен процес, знаете, ова опфаќа судбини и луѓе кои слепо му верувале на тој систем дури не знаејќи дека тој систем опстојува преку тиранијата и хаосот кој како воена сила го наметнуваше САД како светски полицаец. Не случајно од страна на Викиликс пред неколку години беа обзнанети, а подоцна се документирани и откриени случаите на влијание врз правосудството и државната власт во Украина, сега полека се најавуваат случаите на влијание и доминантна улога на глобалистите и на Сорос во Албанија. Не случајно се релаксираа односите кон Србија, претходно обележана како анти НАТО држава за која дури и советот за безбедност на ООН под влијание на глобалистите имаше намера да донесе резолуција дека српскиот народ е геноциден народ. САД најави и релаксација на состојбата и во однос на Косово и базата Бондстил (железна врска). Трамп отвори многу прашања поврзани со шпионските мрежи и агентури на тлото на Европа и Балканот. Процесите се движат многу брзо, несомнено е дека нема да ја одминат и Македонија, особено улогата која ја имаше дипломатскиот кор во Македонија изминатите четири години дејствувајќи како влада во сенка, но со многу штетни, ненадоместливи последици врз народот и државата. Замислете Македонија од прозападно орентирана држава со европски аспирации ја прикажаа како проруска и антизападно ориентирана иако ниту физички, ниту економски, ниту на било кој друг начин имала таква тенденција со што сметам дека западните дипломати овде можеби свесно направија чекор назад во градење на добрите прозападни стремежи за да можат полесно да ги искоординираат сите однапред планирани процеси. Македонија од 2015 до 2020 и проектот „Вистината за Македонија“ треба да бидат сериозно под истрага: да се откријат инспираторите, конспираторите и реализаторите на целиот овој антидржавен проект. Додека не се смират духовите на ова минато нема и не може да имаме напредок и просперитет, бидејки овој процес и мрачните сили од истиот ќе не прогонуваа и постои опасност секоја следна влада да биде мета на вакви и слични структури.


Панчевски на Twitter: @VladimirPanche6 и на Facebook


 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

8 + 1 =