Среќен роденден Александар, бесмртен и бестрашен македонски кралу!

Диодор од Сицилија
Книга 17
98. Потоа Александар превзема кампања против Сидраките и луѓето познати како Малијци, коишто се многубројни и воинствени племиња. Ги најде тој нив мобилизирани со сила од осумдесет илјади пешадија, десет илјади коњаница и седумстотини кочии. Пред пристигнувањето на Александар тие биле во војна помеѓу себе, но како што тој се наближуваше, тие се смирија и постигнаа мир, давајќи и примајќи десет илјади девојки, за да постигнат пријателство меѓу нив преку бракови. Но, и покрај тоа тие не излегоа да се борат заеднички, туку влегоа во кавга за тоа кој да командува и се повлекоа во соседните градови.
Александар се доближи до првиот град и помисли да го освои на брзина, но еден од јасновидците по име Демофон, дојде кај него и го извести дека му било прикажано од многу предзнаци дека голема опасност му се заканува на кралот од рана што ќе ја добие за време на нападот. Тој го молеше Александар засега да го остави тој град и да го насочи својот ум кон други активности. Кралот го прекори за намалување на ентузијазмот кај војниците, и тогаш, испраќајќи ја војската во напад, ги поведе одејќи на чело кон градот, желен да го совлада на сила. Опсадните орудија беа спори во нивното надоаѓање, но тој веќе скрши една од портите и беше прв што се втурна во градот. Уби многу бранители и спотерувајќи многу од другите пред него почна да ги брка кон калето.
Македонците сеуште беа зафатени со борби крај ѕидините. Александар зграпчи скала, ја наслони на ѕидините од калето и се искачи нагоре држејќи лесен штит над главата. Беше толку брз во ова така што се искачи на врвот од ѕидот пред бранителите да можат да го спречат. Индијците не се дрзнуваа да дојдат во негов дофат, туку фрлаа со копја и гаѓаа со стрели по него од далеку. Тој се тетеравеше од силината на нивните удари кога Македонците подигнаа две скали и многумина почнаа да се качуваат по нив, но и двете се скршија и војниците паднаа од нив на земјата.
99. На тој начин кралот остана сам, и храбро направи нешто што ретко се очекува и заслужува да се спомене. Му се чинеше дека би било надвор од неговата традиција на успех кога би се симнал од ѕидот назад кон војниците без да оствари ништо. Напротив, тој скокна сам со својот оклоп во внатрешноста на градот. Додека Индијците го опкружуваа во толпа, тој ги издржуваше нивните напади без проблем. Од десната страна се заштитуваше со едно дрво што растеше блиску до ѕидот, а од левата со самиот ѕид и на тој начин ги одвраќаше Индијците, покажувајќи таква храброст како што се очекува од крал којшто веќе има зад себе познати дела. Тој беше настрвен, ако ова требаше да биде неговата последна битка, да ја овенча со слава. Прими многу удари по шлемот, и не помалку по штитот. По извесно време беше погоден од стрела под градите и совладан од ударот падна на едно колено. Индиецот што го погоди, помислувајќи дека е беспомошен веднаш дотрча и го нападна, Александар го зари својот меч во слабините на човекот, задавајќи му смртна рана. Индиецот се струполи, а кралот се дофати до една гранка во близина и подигајќи се на нозе ги обесхрабри Индијците да дојдат поблиску и да се борат со него.
Во тој момент Пеукет, еден од личната гарда, којшто се качи на друга скала, беше прв што го заштити кралот со својот штит. После него многу други се појавија заедно, тоа ги исплаши домородците и го спаси Александар. Градот беше завземен набрзина. Во бес заради повредата на нивниот крал, Македонците ги убија сите што им се најдоа на патот и го наполнија градот со трупови.
Кралот лежеше беспомошен многу денови додека се залечи и Грците коишто беа населени во Бактрија и Согдијана, коишто долго се жалеа на нивното битисување меѓу луѓе од други раси и коишто сега начуле дека кралот умрел од повредите, се побунија против Македонците. Формираа група од три илјади мажи и се изнамачија на нивниот пат кон татковината. Подоцна, после смртта на Александар тие беа масакрирани од Македонците.
100. Александар се излечи од своите рани, принесе жртви на боговите, и одржа голема веселба за неговите пријатели. Додека се пиеше се случи еден интересен настан што вреди да се спомене. Помеѓу придружниците на кралот имаше еден Македонец по име Кораг, мошне силен, којшто многу пати се имаше истакнато во борба. Неговиот темперамент беше наострен заради пиењето и тој го предизвика на поединечна борба Диоксип атињанинот, атлет којшто имаше освоено круна во најврвните игри. Како што е за очекување, гостите на веселбата ги поттикнуваа и Диоксип прифати. Кралот го одреди денот за натпреварот и кога дојде времето се собра огромен број на луѓе за да го види спектаклот. Македонците и Александар навиваа за Кораг зашто тој беше еден од нив, додека Грците го поддржуваа Диоксип. Двајцата се упатија на местото за слава, Македонецот облечен во неговиот скап оклоп додека атињанинот гол, неговото тело намачкано со масло, носејќи добро балансиран стап.
Двајцата мажи изгледаа одлично со нивните прекрасни тела и плам за борба. Сите нестрпливо очекуваа, што би се рекло, борба на богови. Со неговото држење и брилијантноста на неговото оружје Македонецот предизвикуваше терор како да е Арес, додека Диоксип се одликуваше со чиста сила и спремност, и којшто заради неговиот стап наликувал на Херакле.
Како што се доближуваа еден кон друг, Македонецот го фрли своето кратко копје од далечина, но другиот малку го наведна своето тело и го избегна ударот. Тогаш Македонецот го исука своето долго копје и тргна во напад, но Гркот, кога дојде во близина на дофат, го удри копјето со својот стап и го скрши. После овие два пораза, Кораг беше приморан да ја продолжи борбата само со својот меч, но кога посегна по него, другиот скокна кон него и со својата лева рака му ја зграпчи раката со која посегнал по мечот, додека со десната рака Гркот му ја поремети рамнотежата на Македонецот и го натера да го изгуби стојалиштето. Како што падна на земјата, Диоксип му стапна на вратот и држејќи го својот стап во вис погледна кон гледачите.
101. Толпата беше вознемирена поради вчудоневидувачката брзина и супериорност на вештината на овој човек, и кралот даде знак да го пушти Кораг, го растури собирот и си замина. Тој беше очевидно изнервиран од поразот на Македонецот. Диоксип го ослободи својот паднат противник и го напушти полето за борба као јасен победник, опсипан со ловорики од своите сонародници, зашто им донесе заедничка слава на сите Грци. Среќата, сепак, не му дозволи долго да се гордее со својата победа.
Кралот стануваше сѐ повеќе непријателски расположен кон него, и пријателите на Александар и сите други Македонци на дворот, љубоморни на победата, го убедиле еден од прислужниците да скрие златен пехар под неговата перница, потоа, за време на следниот симпозиум го набедија за кражба и преправајќи се дека го нашле пехарот, го ставија Диоксип во срамна положба. Тој увидувајќи дека Македонците се заеднички против него го напушти собирот. По кратко си дошол во своите одаи, му напишал писмо на Александар за трикот којшто му бил направен и им го дал на неговите слуги да му го однесат на кралот по што си го одзел животот. Бил лошо посоветуван да ја прифати борбата еден на еден, но бил уште полекомислен што си го одзел живото на ваков начин. Затоа многу од оние кои го навредувале, исмевајќи ја неговата будалаштина, рекле дека била тешка судбина да имаш голема сила на телото, но малку разум.
Кралот го прочитал писмото и многу се налутил за смртта на човекот. Често жалел по неговите добри квалитети, и сега откако умрел зажалил за човекот кого што го запоставил додека бил жив. Откако веќе немало никакво значење, Александар ја открил вредноста на Диоксип наспроти лошотијата на неговите обвинители.