ПЕТТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА со „Единствена македонска нација“?


       Во Предизборната кампања на Парламентарните избори 2020., „најмакедонската“ партија „ВМРО-ДПМНЕ“ промовира обемна Програма за ОБНОВА на Македонија, во која, на страница 63., ветува нови уставни решенија базирани на две константи:
– Прво, зачувување на унитарниот карактер на Македонија и
– Второ, уредување на меѓуетничките односи според „принципот на единствена македонска нација (по примерот на Франција, Шпанија, САД, Грција и слично).“

Што значи „ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНСКА НАЦИЈА“?

Дали:

– Новата „единствена македонска нација“ ќе претставува „политичка“ или „етничка нација“?

– Какви се претходните анализи, истражувања, согледувања извршени од страна на експерти на ВМРО-ДПМНЕ или други, кои упатуваат на вакво решение? Дали се некаде објавени? Имало дебата? Кои би биле придобивките, а кои последиците?

– Македонскиот народ дефинитивно, како етнос, престанува да постои како политички фактор и се стопува во новиот политички поим/идентитет „единствена македонска нација“ заедно со другите ентитети? Односно, дали сите граѓани на Државата Македонија се стопуваат во една, „единствена македонска нација“ независно од етничката припадност?

– Припадниците на МК народ и припадниците на деловите на Албанскиот, Турскиот, Српскиот и др. народи ја губат својата етничка посебност во политичка смисла, а го задржуваат правото на негување на својот културен идентитет?

– Во случај на “стопување“ на Македонскиот народ во „единсвената македонска нација“, како политичка категорија, ќе ужива ли право на своја идентитетска посебност и на кој начин, имајќи ги предвид Амандманите и Договорите со Грција , Бугарија и Тиранската кои тоа го оспоруваат?

– Кои се заедничките елементи на посебните етноси во МК, кои би биле кохезионото ткиво на таа нова „единствена македонска нација“, особено при унитарноста на државата?

– Концептот на „единствена македонска нација“ упатува на решенија од Француската/Грчката/Шпанската доктрина или на САД, кои меѓусебно не унифицирани, а се наведени во контекст на заеднички модел, и во која смисла?

– Создавањето „единствена македонска нација“ го елиминира привилегиринатиот статус на припадниците на „малцинствата“, па конечно сите граѓани ќе бидат рамноправни во сите сфери? Но, зошто тогаш, основите за нерамноправност (на пример-кај вработувањето) и натаму се присутни како начела во истава Програма? Или се работи за неконсеквентност/грешка или, можеби за нов, квази-паралелизам на „нацијата“ спрема „малцинставата“ во некоја друга смисла?

– Имајќи го предвид геслото „ОБНОВА на Македонија“ значи ли дека оваа заложба за „единствена македонска нација“ упатува на некоја од претходните македонски републики (од 1944., особено 1946., и натаму) и која?

– Со оглед на тоа што во Програмата нема заложба за поништување на „СЕВЕРНАТА“ во називот на Државата Македонија, а имајќи ја предвид доктрината/практиката според која – нацијата се именува/е во унисон со името на Државата, произлегува дека поконкретно, името на таа нова нација ќе биде „северномакедонска“? (Патем, овој назив, се` почесто се користи надвор од МК, но и од некои албански политичари во МК)?

– Заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за „единствена македонска нација“ и заложбата на експонирани интелектуалци и политичари од албанскиот блок за „северномакедонска нација“ со свои нови државни симболи е коинциденција, или упатува на претходен договор?

– Итн.

* * *

       Без претенциозност/нескромност да понудам одговор на овие прашања, а во очекување на темелна јавна, стручна и научна дебата, (посебно би сакала да го чујам ставот на експертот Проф.Д-р Гордана С.Давкова, независен кандидат за пратеник и носител на листа на „ВМРО-ДПМНЕ“), накусо ќе потсетам на дел од основите за посочените дилеми:

       1. ИСТОРИСКИ

– Од 1944, со АСНОМските документи, а потоа и со уставните решенија, Македонската држава е к о н с т и т у и р а н а како НАЦИОНАЛНА држава на македонскиот НАРОД, во која сите граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса и вероисповед, (како рамноправна единица во југословенската заедница). Така, на „националните малцинства“ (Устав,1946.) им се гарантирани посебни културни и сл.права, а како на „народности“ (Устав,1963.). Потоа, е утврдена како „национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа“, кои се утврдени како „суверени на македонската држава“ (Устав, 1974.)
(ПРВА Република).

– Од 1991. Македонија се одвојува од југословенската заедница и продолжува, КОНТИНУИРАНО да постои, но како независна „НАЦИОНАЛНА држава на македонскиот НАРОД, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија.“
(ВТОРА Република).

– Од Амандманите од 2001. согласно Охридскиот Рамковен договор, перфидно и неконсеквентно се н а п у ш т а а т и НАЦИОНАЛНИОТ карактер и КОНТИНУИТЕТОТ на МК држава, како држава на МК народ, и се о с н о в а НОВА македонска држава,со нејасен национален/граѓански концепт, а имено: „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, … одлучија да ја КОНСТИТУИРААТ Република Македонија…“
(ТРЕТА Република).

– Од Амандманите од 2018. согласно Преспанскиот и други антимакедонски акти, темелно се руши националниот концепт на МК држава и подлабоко се навлегува во к в а з и-г р а ѓ а н с к и , со сериозни елементи за фередализација и негирање на посебноста и конститутивноста на македонскиот НАРОД…
(ЧЕТВРТА Република).

– Дали сега, со Програмата за ОБНОВА, ВМРО-ДПМНЕ нуди, нова ПЕТТА Република, според цитатот од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ? Затоа ли НИКАДЕ во Програмата, нема коментар за ниеден од антимакедонските Договори, др.акти, бидејќи упатуваат на поништување на МК народ и се во контекст на формирање „единствена македонска нација“, без Македонскиот народ, дури ниту како етницитет?

       2.ТЕОРЕТСКИ
       
         НАЦИЈА е феномен кој може и се дефинира на различни начини, од појавата на научната мисла за овој феномен, до денеска, почнувјќи од нејзини емоционални карактеристики ( „колективна меморија за заеднико страдање“) до елементарни, во практична смисла.
         Некои теоретичари, нацијата ја дефинираат како „луѓе со заедничко минато, култура, јазик, заедничка економија, омеѓана територија и единствена самосвест“, или како народ (етнос), кој формирал своја држава со своите особености, тнр „етничка нација“ (поприсутна во европски држави)…
         Други пак, нацијата ја дефинираат како демос/население /државјани на една држава, независно од нивното етничко потекло или припадност по која било основа (американската и др.).
         Нацијата (nation) автоматски не значи “народ” (people), односно збир на луѓе со исто потекло. Нацијата, во потесна смисла, е комбинација на сите граѓани на една држава „политичка“ нација. Овие граѓани може да се од различни етноси и да исповедаат различни религии.
Нациите се продукт на државите, како политичко-територијални заедници кои влијаат на сите свои граѓани преку своето законодавство и државна политика.
         Кај еднонационалните држави посебните етноси немаат политичка релевантност (унитарни), а кога се работи за кон/федерации, можни се комбинации на заедничка национална припадност на кон/федерацијата и/или на посебни, од посебните кон/федерални единки.
         Независно дали се работи за „етничка“ или “политичка“ нација, тие имаат свои обележја: Знаме, грб, симболи… а и прифатени/изградени најмалку основни културни и вредносни карактеристики, заеднички празници и сл.
         При ова, посебно внимание заслужува правото на чување и развој на културниот идентитет на посебните етноси во рамките на нацијата, но не на штета на националните, што е и вградено, како принцип, во меѓународното право.

       3. ПРАКТИЧНО

         Историски, македонското општество од секогаш го карактеризирала мултиетничност, најпрво во незначителен обем, а потоа и забразно/подзасилено, дури и со вештачки/насилно наметнат механички прилив на населене од друга етничка припадност од македонската, на различни начини.
         Воедно, од секогаш го карактеризирала и висока толерантност и соживот на населението од различна етничка, верска и друга природа.
         Но, евидентно е дека од почетоците на македонската држава, кога се поставија ОСНОВИТЕ за формирање и развој на МАКЕДОНСКА НАЦИЈА, (со декларирани права на граѓанска рамноправност и негување на културна посебност), нормативно и практично, државата постепено се претвораше во систем на нејзино ПОТТИСНУВАЊЕ и конечно за – НЕГАЦИЈА!
         Со низа насилни/криминални начини, спротивно на волјата на македонскиот народ и националното и меѓународно право, се наметна НЕПОЗНАТ државен модел, каде малцинствата („етнички заедници/делови на народи“) рамнопправно со МК народ ( кој се спушти од статусот на конститутивен НАРОД на степен на дискриминирана „етничка заедница“), се јавуваат како рамноправни конституенти на МК држава, со правни решенија, кои претставуваат сериозна загроза на нејзината унитарност по сите основи (јазик, образование, државни структури и тн…). Дури до стапен на наметнување на едно малцинство и неговиот јазик како доминантен (и со казни), а неговото учество во политичиот живот на недемократски принципи – како услов за опстанок на државата!

         Изборниве процеси понагласено ги потенцираа овие тенденции, затоа што:
         – Спротивно на УСТАВНИТЕ НАЧЕЛА за владеење на правото, забрана од дискриминација и многу други, се наметнува барање/уцена за однапред прифаќање Премиер од малцинство, со име и презиме;
         – Се бара промена на ДРЖАВНИ СИМБОЛИ ( химна, грб, знаме);
         – Се инсистира на најширока примена на МАЛЦИНСКИ ЈАЗИК, како рамноправен со македонскиот, иако овој е уставно утврден како официјален за МК држава и тн.
         – Се инсистира на бројни нормативни решенија за ДЕЗИНТЕГРАЦИЈА на општеството и државата, иако е уставно унитарна;
         – Се наметнува неминовност од формирање нова „СЕВЕРНОМАКЕДОНСКА НАЦИЈА“ со два носечки идентитети, од видни интелектуалци од албанско етничко потекло и тн…

* * *

         Имајќи ги предвид наведениве, а секако и многу други ненаведени, релавантни факти и дилеми, основано се поставуваат две прашања:

      1. На кој начин и со кои средства смета ВМРО-ДПМНЕ да ја реализира оваа заложба, имајќи го предвид децидното ВЕТУВАЊЕ на нејзиниот Лидер дека сите точки од Програмата, „од првата до последната страница ќе бидат остварени“?
      2. Колку оваа заложба за „единствена македонска нација“ е само, благоречено, несериозен обид за разрешување од македонскиов ЈАЗОЛ, со негово дополнително заплеткување, и неминовно, повторно на штета на Македонците?

Јуни, 2020


Олгица Никола Трајковска
на Twitter @OTrajkovska
на Facebook Olgica N. Trajkovska

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

+ 6 = 16