Многу е модерно да се биде победник, најдобар, најхрабар во состојба во која владее апсолутна анархија која е земена за репер за нормалност. Најчесто се случува денешните победници да го исцедат најдоброто од најдобрите и да го фрлат креаторот како кора од лимон заборавајќи дека токму тие, исцедените, имаат капацитет кој не е за потценување, ниту пак е за една употреба. Само што многу е убаво да се голтне успехот кога ти е сервиран на тацна. Оттука тргнува се.
Демонстрација на сила – по дефиниција, во Македонија – за жал значи самопромовирање врз веќе готов производ. Најчесто украден. Туѓ, нели. Некои би рекле лажен.
Мускулите се најголеми кога ќе се навежбаат и покажат во еднина. Колективната свест, кога е во прашање заедничкото добро, е сила која ги има најголемите (заеднички) мускули додека не се стигне до точката на вриење: кој треба да го изеде најголемиот, најубавиот дел од колачот – позиција како награда за вложениот труд. Тогаш се добива амнезија, можеби и деменција. Селективна, секако. Проклетство кое нѐ прати од дамнина. Потоа настапуваат демек главните.
Никако да научиме! Воопшто не сме глупав народ. Најдобри кога сме аргати во туѓу дворови – странство, најценети, примерни, арно ама за нашето сме…
Балкански методи, рече некој. Знаел и што зборувал.
Се бројат на прсти сите оние кои се исклучоци. Само што тие се тие кои вредат и од кои што сѐ што е навистина вредно почнува. Не се самопромовираат, не бараат внимание, не бараат признание. Бараат само начини да делуваат за да помогнат и не ретко се даваат целосно во тоа. Немаат претходно искуство на тезга, ама имаат многу идеи, чист ум, вредни раце, достоинство и ред други квалитети кои тезгаџиите ги игнорираат зашто нивната главна цел е да продадат – да стигнат до пари, а не да создадат и да одржат за да може да расте она што навистина сите го сакаат.
Не кажале за џабе дека сите оние кои се иницијатори на најдобрите нешта прво ги сметаат за луди, за пречка, а дури потоа, кога ќе помине време, ја сфаќаат нивната важност и улога. Таквите како по некое правило се backstage играчи кои никогаш не се ставаат себе си во фронтменска улога и не се attention seekers. Едноставни луѓе се кои можат да завршат работи со леснотија и навистина го прават тоа. Па сепак, и тоа некому пречи. Единствено логично објаснување зошто би ги гледал некој како пречка е затоа што нивниот искрен труд може да засени нечиј друг и некој друг или ‘челниците’ да се почувствуваат загрозени од поспособните од нив.
Звучи познато?
Токму ова е проблемот на Македонскиот отпор против кошмарот кој ни се случува. Не само сега, туку години наназад. Тезгаџиите од кои никој никогаш ништо не би купил – поради профитерство – се тие кои што го ситнат. Баш како најситно брашно на старите Македонски воденици. Нивните епитафи се јасни, но зошто и со кое право им наметнуваат епитафи на останатите Македонци и на Македонија?
Од самопрогласени борци за Македонската кауза со сомнителни претходни политички ангажмани, партиски книшки за кои велат дека ги искинале, ситуации во кои се нашле и не биле санкционирани поради истите како што би бил секој обичен Македонец, се отвораат многу, многу прашања за искреноста на нивниот ангажман како и сомнежи дали одработуваат за некого или за нешто спротивно од Македонската кауза и со цел ситнење на отпорот. Стануваат некакви си фронтмени кои си ја градат популарноста по принципот ‘узми све што ти живот пружа’ и си припишуваат заслуги кои не се нивни, секако поради селективна амнезија, можеби и деменција, ама со тезгата пред себе и очи во кои може да се види само одблесок на личен профит и решителност поради тоа да се справат со секој што ќе ги засени и е подобар од нив.
Не е злато сѐ што сјае. Каков треба да им биде епитафот на таквите? Или воопшто не треба ни гробот да им се знае?
Редакцијата