Македонскиот канибализам

Ги следиме вестите, социјалните мрежи, телевизиите, весниците, изјавите на партии, поединци, здруженија…

Се доаѓа до заклучокот дека ние Македонците сме најверојатно најголеми непријатели самите на себе. Се јадеме меѓусебно, исто како канибалите од филмовите со Индијана Џонс. Ни недостигаат уште големи котли на плоштадите низ Македонија и да си направиме канибалистички Ивкови слави.

Никој со никого не е повеќе. Успеаја толку да не разединат, до таа мера да има комплетна недоверба помеѓу нас. Дали е тоа поради степенот и квалитетот на образованието, дали е во нашиот ген, кој знае, ама некако не изгледа дека е до гените затоа што гените не создават канибали. Изгледа учиме еден од друг.

Сигурно дека во Македонија има капацитет и луѓе кои се подготвени на храбри чекори, кои би дале сѐ за да се врати нашето достоинство, но не можат да дојдат до израз затоа што премногу долго народот ги возвишува хохштаплерите, лажно успешните богаташи и ведне глава пред нив. Така нема да стигнеме никаде.

Мораме да се избориме за нашето, за вашето, за сечие добро и да ја пресечеме врската на потиштен, уплашен, понизен народ. Не сме такви. Тоа го знае секој од нас.

Без разлика кој и да е на власт, народот секогаш треба да биде опозиција и да ја критикува власта. Само на тој начин ќе си покажеме себе си дека сме горди како народ кој е подготвен Македонија да ја направи сериозна држава.

ВМРО-ДПМНЕ како единствена голема – се надеваме сеуште дел од неа – Македонска партија не треба да ја игнорира, навредува и кочи таа сила кај Македонците. Напротив, треба да ги поддржи, да ги слушне, да ги покани на дискусија без разлика на противењата на „пријателските“ амбасадори на кои тоа треба да им го каже најотворено и без пардон. Така се создава здрава, силна и критична маса. Како такви, заедно со сите патриотски настроени помали партии и нивните предлози треба да дебатираат, но не да се дистанцираат поради желбата на некои амбасадори затоа што „датумот“ ќе висел на конец.

Со другите, ако може да се наречат партии како „достоинства“, „интегри“, „ваши партии“ (од кои еден е „генерал“, а се глупира по сите социјални мрежи со кршење ќерамиди, пукање со пиштоли итн., другиот е теолог, а третиот е адвокат, со помошник на една неостварена балерина), не вреди ни да се зборува.

4news.mk


Нормално, ако тоа не им е целта, треба да се каже јавно и да не се кријат зад истрошени флоскули. Никакви меѓународни организации не се вредни ако си без достоинство, ако си обезличен, ако си понижен на секој нивни состанок, средба… ќе нѐ боли до коска, сигурно. ЕУ и НАТО не се ветените земји, ветената земја си ја создаваме сами.

Ќе се изнајде решение, и злото наречено заевизам ќе оди на буништето на историјата, а неговиот идеолог во затвор.

Едно е јасно: не треба да се бориме за фотелји, функции, моќ. Без Македонија сите тие привилегии не значат ништо, освен во локална провинцијалска средина.

Никакви наметнати договори не важат без согласност од Народот, тоа со сигурност го знаат сите наши светски „помошници и пријатели“ на кои и воопшто не им е важно како ќе се викаме. Бевме на чекор до целосно признавање, навистина на чекор од тоа за кое што се изборија и Македонците во Македонија, и Македонците исселеници, заеднички.

Треба да го потиснеме стравот на „мали“. Нема мали и големи народи, има храбри и достоинствени, а во светот сите се такви, но очигледно само нас нѐ убедуваат во спротивното.

Македонските исселеници би се вратиле ако видат перспектива, ред, поредок, ако ја видат Македонија на сличен начин на кој се привлекуваат и странски инвеститори. Кој сака правна несигурност? Единствено добро е што нѐ има насекаде, тоа е нашиот „носач на авиони“. Зошто некој би сакал да не сме сите сплотени за она што нѝ е најважно?

Обединувањето, за некои смешно и недостижно, е единствената опција која ја имаме ако сакаме да се избориме против сите чудовишта кои како црни облаци се надвиснале над нашето постоење. За тоа да се случи нѝ треба национално освестување, будење, колективна свест која кај Македонците е на незавидно ниво, за разлика од индивидуалната. Кога единствена цел за сите ќе биде заедничкото добро и борбата против нашето „истребување“ или етноцид кој е најбезобразен во историјата на човештвото откако постои, само тогаш ќе ја имаме потребната сила за да извојуваме победа врз сите оние кои сакаат да нѐ избришат и ќе им покажеме каде им е местото. Во нашиот дом, во Македонија, ние сме тие кои пречекуваме гости, но не им го подаруваме нашиот кров на сите оние кои велат дека не постоиме и дека ништо не е наше.

Македонија ВЕЧНА!

Од Редакцијата

Сликата е позајмена од:
https://www.tvpaket.com.mk

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

− 3 = 2