К О Н Ц Е П Т ЗА ВРАЌАЊЕ НА ИМЕТО… а и Државата!

 


Олгица Н. Трајковска, Македонка

Повод: ВРАЌАЊЕ НА ИМЕТО… а и Државата!

Напомена: Концептов, пред повеќе од 30-тина дена е испратен до лидери на опозициски партии, истакнати интелектуалци, здруженија, активисти и афирмирани поединци со про-патриотска/македонска ориентација во Македонија и странство.

 

*

Прашање од редакцијата: Која е причината што во јавноста нема НИТУ ЕДНА реакција од ниту еден од контактираните лидери, здруженија, активисти и поединци кои се со про-македонска ориентација??

*


       И по две години од неуспешниот Референдум за промена на Името, кога македонскиот народ не само што не прифати промена, туку воопшто, и во најголем број – ОДБИ да се изјасни за недозволивото прашање, Власта упорно чекор по чекор, спроведува политика на обезименување, понижување и поништување на народот и Државата! Донесени се Амандмани и се поставени правни основи за редефинирање на Државата, на штета на националните интереси на македонскиот народ и неговата единствена матична држава.

       Во отсуство на ефикасна, организирана и обединета одбрана на македонските интереси од страна на бројните опозициски партии и истакнати интелектуалци, на народот му останува единствената можност самиот да се организира со повик до СИТЕ родољуби, независно од каде низ светот и од која било, па и партиската припадност, да се вклучат во отварување на преостанатите ПРАВНИ можности за враќање на Името, а потоа и на Државата, со сите нејзини атрибути на унитарна и национална држава на македонскиот народ, во која сите припадници на кое било малцинство, рамноправно ќе ги уживаат сите човекови и граѓански прва и слободи!

       Враќањето прво на Името, а потоа и на Државата се предлага да се оствари на врвен демократски начин, по пат на Референдум, со почитување на сите правно пропишани услови и процедури. На референдумот, граѓаните ќе се изјаснат: Дали ги прифаќаат политиките на власта содржани, најпрво во 4 правни акти. А потоа, со отворање на правни можности и за други… За власта да добие поддршка за својата погубна политика, на референдумот треба да гласаат над 900 000 гласачи (над 50% +1 од избирачкиот список), а од нив „ЗА“ 50% + 1 од излезените гласачи.

       Доколку актите не го добијат потребниот број гласови на референдумот, ќе се смета дека граѓаните НЕ ја прифаќаат политиката на власта, по што таа ќе биде должна да ги поништи донесените акти!

       Доколку власта го опструира остварувањето на ова врвно демократско право, граѓаните ќе имаат право сами, независно од власта, како носители на суверенитетот, да организираат референдум со истата цел.

ЗА КОНЦЕПТОТ, ВО КУСИ ЦРТИ:

  1. Во услови на нефункционална претставничка демократија и парализирани институции на системот, суверенот на Државата (граѓанинот) има право и е должен да пристапи кон облик на НЕПОСРЕДНА демократија – и на РЕФЕРЕНДУМ да се изјасни дали ја поддржува/ прифаќа политиките на власта содржана во актите.
  1. Концептот се заснова на три постулати:
           – Легалност,
           – Ненасилност,
           – Без „бадентерово мнозинство“
  1. Се искористуваат исклучително стеснети правни можности, со кои потоа, се отвора правен начин и други натамошни одлучувања од државно/национално значење (амандмани, закони, договори и сл.).
  1. Прашањата се соодветно формулирани за дополниелно да се провери поддршката на актите на власта од страна на граѓаните. За прифаќање, треба да се обезбеди законско мнозинство на оние што гласале „ЗА“ заради ПОТВРДУВАЊЕ/прифаѓање на уставните/законските решенија. Додека со НЕГЛАСАЊЕ или со гласањето ПРОТИВ, се одлучува за НЕПРИФАЌАЊЕ на решенијата (како континуиран став на граѓаните на Референдумот од 2018.).

  2. Прашањата (4) се на посебни ливчиња, на ИСТ референдум, кои ќе се однесуваат на:
          º Амандманот 33. (со кој е сменето Името)
          º Законот за ратификација на “Преспанскиот договор“
     
         º Законот за ратификација на „Бугарскиот договор“
          º
    Одредба од Закон со кој не се дозволува референдум за прашања за кои се одлучува со           „бадентерово мнозинство“.
  1. Прашањата ќе гласат: „Дали го ПРИФАЌАТЕ Амандманот 33./ односно Законот…/ односно законската одредба…“?
  1. Референдумот е дополнителен (АБРОГАТИВЕН) и власта е должна одлуките од референдумот да ги спроведе. Имено, доколку не се постигне законското мнозинство за прифаќање на актите, значи дека граѓаните НЕ ГИ ПРИФАЌААТ и власта е должна истите да ги поништи во законски рок.

*

Во делот кој следи, концептот е објаснет во детали, односно е поопширната верзија на текстот кој го читавте до тука како не би требале да консултирате сами правни/законски помагала.

*

ЗА КОНЦЕПТОТ, ПОДЕТАЛНО ПОЈАСНЕТО И ОБРАЗЛОЖЕНО:

       Името на Република „Македонија“ е сменето со Амандман 33. на Уставот на РМ од 2019. како последица од Меѓународниот договор од 2018., познат како „Преспански договор“ кој, и според с о д р ж и н а т а, и според п р о ц е д у р и т е на негово склучување, односно усвојување, се спротивни на меѓународното и националното право, а по пат на низа криминални, велепредавнички дејствија од претставници на власта, како и под притисок и непосредна помош од тнр. „Меѓународна заедница“. Наводно, поради безбедносен, а потоа и политички повод за промена на државното име, фактички се спроведува подмолен проект за етноцид на Македонскиот народ. Заедно со дополнителни, брутални и неспроведливи интервенции во правниот систем со низа други национални и меѓународни и други договори и закони („Бугарскиот договор“, Тиранската платформа, „Двојазичниот закон“ и сл.), насочени кон истата цел и по пат на дезинтеграција на општеството и тектонско редефинирање на Државата.

       Постојат неколку начини за ВРАЌАЊЕ НА ИМЕТО, а потоа, постепено и на Државата, главно: 1. Преку органите на власта 2. Преку државен удар и 3. Непосредно од граѓаните.

1.Преку органите на власта:
Формално би било можно и пожелно, доколку има политичка волја, поддршка од најмалку 80 пратеници и воедно, за голем дел од прашањата и „бадентерово мнозинство“. Но, органите на власта, Собранието, Владата, судските и други државни органи, а особено Уставниот суд, ги изневерија граѓаните со непостапување или со злоуотреба на своите уставни и законски обврски! Се оглушија на низа основани иницијативи за поништување низа прашања вв со „ „Преспанскиот и Бугарскиот“ договор и криминалните интервенции во Уставот и законите. Дури го игнорираа и Референдумот од 2018. според кој, граѓаните не прифатија ниту изјаснување за промена на Името, ниту по цена на некакви евроинтеграции.
Така, претставничката демократија во Р.Македонија се стави во улога на извршител на етноцидот на државотворниот македонски народ, а за туѓи интереси. Оттука, овој начин, за сега, е неостварлив.

2. Со државен удар:
Насилно превземање на власта од народот, во услови на окупирани вооружени сили од лица лојални на антимкедонската политика, а особено, поради неорганизираноста, необученоста и ненасилноста на народот, како менталитет, како и поради други ризични последици, е исто така – неприфатливо решение, дури и утописко.

3. Непосредно од граѓаните, како суверени на Државата:
Останува дека, во постојните услови, ова е единствен, преостанат начин, да направи македонскиот народ, заедно со сите правдољубиви сограѓани. Да си ги земе работите во свои раце, како НОСИТЕЛИ на СУВЕРЕНИТЕТОТ на Државата, и НЕПОСРЕДНО да одлучи за овие битни прашања за својот опстанок: Да си го одбрани и врати сопственото Име и одземеното, а неоттуѓиво право на сопствен идентитет и самоопределување!
Имено, ако тргнеме од аксиомата дека „земањето на работите во свои раце и одлучувањето“ мора да бидат во согласност со Уставот и законите, за да бидат општо обврзувачки, првенствено за органите на власта и неоспорливи, неминовно, решението треба да се бара во неприкосновениот, врвен облик на непосредната демократија, во – РЕФЕРЕНДУМОТ! По пат на референдум да искаже недавање поддршка, односно – НЕПРИФАЌАЊЕ на актите со кои власта утврдила политика спротивно на волјата на граѓаните од Референдумот на 30.09.2018., и на националното и меѓународното право! Тоа ќе претставува обврска за власта тие акти да ги поништи, во согласност со Уставот и Закон!

ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

     Правни основи

       Одлучувањето по пат на референдум во целост ги почитува УСТАВНИТЕ НАЧЕЛА на:

-Рамноправност на сите граѓани, независно од нивната припадност по која било основа;
-Владеење на правото;
-Суверенитетот на државата произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните;
-Почитување на општоприфатените норми на националното и меѓународното право и др.

       Анализата на уставните и законските одредби (Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, во натамошниот текст: Законот за референдум) што ги регулираат прашањата за референдум, упатуваат на заклучок дека Проектот за разнебитување на МК држава и народ се долгорочно и систематски планирани и тивко, подмолно, вгрдувани во системот, заради негов колапс / блокирање од внатре. Така, со „бадентеровото мнозинство“ не само што е суспендирано демократското одлучување во Собранието, туку, законски, и спротивно на Уставот, е забрането одржување референдум за уставни и законски прашања кои се утврдени дека се донесуваат со такво мнозинство.

       Оттука, формално правно, речиси и не остана простор за легално и легитимно референдумско одлучување на граѓаните за враќање на Името, како по Амандманите, така и по „Преспанскиот“ и „Бугарскиот“ договор во насока на нивно поништување/раскинување.

       Но како што нема совршен злочин, така и македонските власти, и во најфилигрански организираниот злочин кон својот народ, направија пропусти! Нивните пропусти, во ароганцијата на семоќност на неправедноста за работите кои се светиња за секој народ, па и за македонскиот, првенствено во правните процедури, се наша шанса за нивно ПРАВНО поништување!

Најпрво елементарно и по неколку основни акти, а потоа и подлабински и посеопфатно, до целосно враќање на Државата!

     Како до поништување?

       Постапката за одржување референдум започнува со покренување иницијатива за одржување на референдумот, во согласност со Уставот и Законот за референдум, на кој (на еден референдум), на посебни 4 ливчиња ќе бидат поставени 4 одделни прашања за:

  1. ПРИФАЌАЊЕ на Амандманот 33. со кој, официјалното Име „Република Македонија“ се заменува со „Република „Северна“Македонија“

О б р а з л о ж е н и е: Зошто се предлага изјаснување само овој Амандман, а не и другите, особено на Преамбулата? Затоа што со претходни Амандмани 10. и 18. (од 2001.) е утврдено дека за конкретни прашања, меѓу кои и за Преамбулата, одлуки се носат, покрај со 2/3 мнозинство, и со тнр „бадентерово мнозинство“. Во тој дух е и Законот за референдум, кој не дозволува организирање референдум за одлуки кои се носат со тнр. „бадентерово мнозинство“. Поради тоа што ИМЕТО на Државата „Македонија“ е ПРИРОДНО име, а не е предмет на одлука во/со правен акт, креаторите на Промената на Името се најдоа во ќор-сокак! Не можеа со соодветен Амандман да упатат на измена на уставна одредба каде е утврдено Името,заради тоа што такава одредба НЕ ПОСТОИ во Уставот, па, спротивно на правната номотехника смислија „ВИСЕЧКИ“ Амандман (33.) кој не се однесува на промена на соодветна уставна одредба, бидејќи таква, нели, и нема. Поради тоа што ова прашање, за Името, е надвор од каква било регулатива, а оттука ниту е предвидена постапка или надлежност на ниеден орган за негово утврдување или промена, логично – не било ниту можно, промената на Името да биде опфатено во Амандманите 10. и 18. (2001.) кои налагаат задолжително „бадентерово мнозинство“! Посебно што, со Амандманот се менува Името на Државата „М а к е д о н и ј а“, а не и „името“ на уставното уредување на Државата „Р е п у б л и к а“, што би било дозволиво, бидејќи е предмет на одлучување и утврдување со Устав.
Оттука, овој Амандман 33., без било какво правно ограничување, може да биде предмет на референдумско изјаснување.

  1. ПРИФАЌАЊЕ на Законот за ратификација на „Преспанскиот договор“

О б р а з л о ж е н и е: Постапката за поништување, односно раскинување на Преспанскиот договор претпоставува деликатна/сложена процедура од еминентни познавачи на правото и меѓународните односи. За сега, јавноста не е запозната дали некој воопшто се зафатил со ваква подготовка. Но, она што како народна волја може да се ефектуира во националната сфера е донесување референдумска одлука за НЕПРИФАЌАЊЕ на Законот за ратификација на Преспанскиот, што е во надлежност на Собранието. Овој Закон, како и самиот „Преспански договор“, покрај споменатата недопуштеност во содржинска смисла, има сериозни пропусти и во процедуралната. Со неприфаќање на овој Закон, како и со неприфаќање на Амандманот 33., што треба да предизвика нивно поништување од Собранието, „Преспанскиот договор“ сам за себе, ја губи својата егзекутивност и можноста непосредно да се применува на национално ниво. Оттука, поништувањето на Законот за ратификација, ќе придонесе и кон поништување/раскинување на самиот Договор, кој извесно, потоа би следело. Особено ќе предизвика реакција од грчката страна, која децидно инсистираше, што е внесено во самиот Договор, дека Грција ќе пристапи кон ратификација после ратификацијата од македонска страна и после вградување во Уставот.

  1. ПРИФАЌАЊЕ на Законот за ратификација на „Бугарскиот договор“

О б р а з л о ж е н и е: Постапката за поништување, односно раскинување на „Бугарскиот договор“ не претпоставува сложена процедура, освен што бара политичка волја на владеачкото мнозинство, која за жал ја нема. Но, она што како народна волја може да се ефектуира во националната сфера е донесување референдумска одлука за НЕПРИФАЌАЊЕ на Законот за ратификација на Договорот, што е во надлежност на Собранието. Овој Закон, како и самиот Договор, покрај недопуштеноста во содржинска смисла (третманот на македонскиот јазик како „уставна категорија“ и ревидирање на историјата од меѓудржавни комисии), претставува правна основа за дополнителни недозволиви барања и уцени од бугарската страна за целосно бришење на македонската посебност во секоја смисла: идентитетска, историска, културна, јазична и сл. Со неприфаќање на овој Закон, како и со неприфаќање на Амандманот 33., што треба да предизвика нивно поништување од Собранието, и овој Договор ја губи својата егзекутивност и можноста непосредно да се применува на национално ниво.

  1. ПРИФАЌАЊЕ на одредбата од Законот за референдум која не дозволува рефендум за прашања за кои се одлучува со „бадентерово мнозинство“

О б р а з л о ж е н и е: Со Амандманите 10. и 18. (2001.), како што е напред наведено, се утврдени прашањата за чие усвојување/ донесување е утврдено и „бадентерово мнозинство“ во Собранието, како законодавен орган. Но во Законот за референдум, покрај утврдување прашања што не смее да бидат предмет на референдум кои се директно спротивни на ИНТЕГРИТЕТОТ и ОПСТАНОКОТ на Државата и наведени во Уставот, лаконски и надвор од Уставот е утврдено дека референдум не е дозволен ниту за прашања што се усвоени/донесени со „бадентеровото мнозинство“! Значи- не само според прашањата, туку и според начинот на нивното донесување! Иако тие прашања се во доменот на внатрешното уредување на државата и се од политичка природа. Така, со оваа законска одредба, „претставничката“ демократија ја става вон сила „непосредната“ демократија. Односно, директно се востановува принцип на супремација на власта на народните претставници пред волјата на самиот народ. И споротивно на Уставот, според кој, на референдум може да се одлучува за прашања од надлежност на Собранието. Произлегува дека одлуките донесени со „бадентер“ се нови антидемократски „свети писма“ кои не може на референдум да бидат поставени, дури и по волја на етничките заедници? Своевиден, брутален апартхеид? Спротивен на основните принципи на демократијата, суверените права на граѓаните и рамноправноста меѓу нив. Ваква одредба би требало да биде поништена од кредибилен Уставен суд. Но со оглед на искуството и молкот од Уставниот суд за сите противуставни акти на власта, останува дека единствен, преостанат начин за нејзино коригирање е – референдумот.

Н а п о м е н а: Во интерес на рационалност и ефикасност, се предлага, во рамките на истиот референдум, да се постави и четвртово прашање, со што би се отворил патот кон наредни референдуми и изјаснувања за други битни прашања за македонскиот народ и држава,(други Амандмани, закони за ратификација на договори, закони и сл. кои се спротивни на уставните начела и волјата на народот), а кои сега, со оваа одредба, се изземени од правото на непосредно одлучување на граѓаните по пат на референдум.

Последици од успешен референдум

       Доколку на референдумот посочените акти не добијат поддршка од потребниот број гласови „ЗА“, ќе значи дека граѓаните истите НЕ ГИ ПРИФАЌААТ, односно им ставиле ВЕТО, а Собранието е должно да ги поништи.
       Одлуките на ваков референдум не подлежат на „бадентерово мнозинство“ и се задолжителни за Собранието, кое е должно да ги спроведе во рок од 60 дена од соопштување на резултатите од одржаниот референдум.

       Со усвојување на овие референдумски одлуки, се овозможува легално одлучување и за другите, особено најгорливите прашања, кои се однесуваат на Амандманите на Преамбулата на Уставот, за правата на македонското малцинство во соседните држави, за македонскиот јазик како единствен официјален јазик во унитарната држава, а потоа и за ревидирање или поништување на низа други договори, законски решенија и тн.

       Донесувањето на одлуките на референдумот ќе охрабрат и иницираат натамошни постапки за менување на изборниот модел и промена на власта согласно волјата на граѓаните, како и за целосно устројување на државата на уставно востановените принципи, кои евидентно се одамна погазени.

Постапка

       Начинот, условите, постапката, роковите, референдумските прашања, како и други прашања за референдумот ќе бидат утврдени и спроведени во согласност со позитивните прописи.
       Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено.
       * За предложениве прашања, не е предвидено поинакво мнозинство.

Собранието, по иницијатива од 150 000 граѓани, е должно да распише референдум најрано 60, а најдоцна 90 дена од објавување на одлуката за распишување референдум во службеното гласило.

Средствата за одржување на референдумот се на товар на Државниот буџет.

     Поддршка

       Се очекува зад овој КОНЦЕПТ, поддршка и непосреден придонес да дадат сите Македонци, сите правдољубиви сограѓани, сите политички партии, здруженија на граѓани и секој физички и правен субјект, во земјата и странство.

ПРИЛОЗИ

(Потсетник на покарактеристични основи на овој Концепт)

1. Чиј е суверенитетот на Државата?

  • Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, кои власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.(чл.2 од Уставот)

Практичен пример: Со Референдумот од 1991. се наложи одвојување и осамостојување на СРМ од СФРЈ, како самостојна и суверена држава Македонија и донесување нов Устав на Република Македонија.

2. За кои прашања може да се распише Референдум?

  • Референдум може да се распише за прашања од надлежност на Собранието (чл.73 од Уставот и чл.2 од Законот за референдум)
  • Усвојување и менување на Уставот, донесување и менување на закони и ратификација на меѓународни договори се прашања од надлежност на Собранието (чл.68, од Уставот)

3. Каков вид е референдумот за поништување на Амандманот и законот/ законската одредба?

  • Според правната теорија ова е АБРОГАТИВЕН референдум со кој се поништува/ укининува одреден правен акт, при што не се заменува со друг. Ова е таканаречено НАРОДНО ВЕТО на уставните и законски решенија.
  • Според Уставот и Законот за референдум, ова е референдум на државно ниво, дополнителен, за преоценување пропис што е претходно донесен (уставна одредба или закон) и е задолжителен.
  • Референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум) (чл.24 од Законот за референдум) .
  • Референдум на државно ниво може да се распише за прашања што треба да се уредат со закон (претходен референдум) или за преоценување на закон што претходно е донесен (дополнителен референдум) (чл.25 од Законот за референдум).
  • Референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (чл.28.ст.3 од Законот за референдум).

4. Постапка

  • Референдум распишува Собранието по сопствена иницијатива, или по иницијатива на 150.000 гласачи. Постапката е регулирана со Законотот за референдум, согласно Уставот.
  • (1) Референдум на државно ниво распишува Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собранието). (2) Собранието распишува референдум на државно ниво по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150.000 граѓани. (чл.20 од Законот за референдум)
  • (1) Предлогот за распишување референдум на државно ниво со образложение се поднесува до претседателот на Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: претседателот на Собранието). (2) Собранието е должно во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот од ставот (1) на овој член да донесе одлука за распишување на референдум. (чл.21 од Законот за референдум)
  • (1) Одлуката за распишување на референдум на државно ниво се објавува во службеното гласило и во други средства за јавно информирање. (2) Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во службеното гласило до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена. (чл.22 од Законот за референдум) и други…

5. Како ќе гласат прашањата?

Прво прашање: Дали го ПРИФАЌАТЕ на Амандманот 33. со кој зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“?

Второ прашање: Дали го ПРИФАЌАТЕ Законот за ратификација на „Преспанскиот договор“ (со целосен назив на Договорот и неговото објавување во службеното гласило)?

Трето прашање:Дали го ПРИФАЌАТЕ Законот за ратификација на „Бугарскиот договор“ (со целосен назив на Договорот и неговото објавување во службеното гласило)?

Четврто прашање: Дали го ПРИФАЌАТЕ член 28, став 3 од Законот за референдум и другите облици за јавно изјаснување со кој „референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република“ (со целосен назив на Законот со сите измени и дополнувања и нивните објавувања во службено гласило)

6. Задолжителност

  • Одлуката донесена на референдумот е задолжителна“ (чл.73.ст.5 од Уставот)
  • Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено. (* За овие прашања не е утврдено поинакво мнозинство)
  • Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, односно законот по кој се одлучувало на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот.“ (чл.30 од Законот)

7. Итност

  • После најавено и извесно „редефинирање“ на државата, основано е стравувањето дека потоа, враќање на Името ќе биде дополнително не само отежнато, туку и оневозможено, во легална формално – правна процедура.

Скопје, 2020.                                                                                     Предлагач,

                                                                                              Олгица Никола Трајковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

91 − = 90