Карантинот како еден од неуспешите обиди да биде погреб на Македонците во Македонија

Македонија во пранги

19 април 2020
Велигден1
На Македонците им е ЗАБРАНЕТО да го прослават на традиционален начин.

6 јуни 2020
Задушница2
На Македонците им е ЗАБРАНЕТО да ја одбележат на традиционален начин.

Карантин
4 јуни 2020, 21:00ч. – 8 јуни 2020, 05:00ч.
Повторно дома.

Каде на друго место, особено без пари? Оние со пополни џебови немаат проблем: правец Охрид. Да беа отворени границите, од пуст „патриотизам“ километарските редици ќе беа на нашата јужна граница, не по патарините на патот до Охрид. Е сега не можат, па мора по дома да си го покажат („патриотизмот“).

Логично прашање:
Ако карантинот значи ограничување на движењето на луѓето поради опасност од заболување, кој и зошто дозволи барем половина Македонија да замине за Охрид? Чија ќе биде одговорноста ако и Охрид стане ново жариште исто како што тоа се случи со многу други градови? Дури и да се лоцира одговорноста, ќе имаат ли доблест тие кои што се задолжени за сево ова да си дадат оставки затоа што се неспособни да се справат со состојбата? А состојбата вели:

4 јуни 2020: 120 заболени
5 јуни 2020: 179 заболени3

Загрижува секако фактот што бројот на заболени вртоглаво расте секој ден, но она што не само што загрижува, туку веќе и ги полудува луѓето, е карантинот. Тој што не важи за секого, но важи за Македонците. Тој што не го почитуваат сите, но Македонците ги казнуваат, а за други се гледа низ прсти.

Нема да му дадеме почесно место на вирусот за кој што не сме сигурни колку е навистина смртоносен (како што некои велат), туку на она што Македонците го преживуваат од првиот ден на вонредната состојба, полицискиот час и мерките кои наводно важат за сите кои живеат во Македонија:
БЕС.
НЕЗАДОВОЛСТВО.
РЕВОЛТ.

Револтот секојдневно расте. Не само на социјалните мрежи. На глас се кажува она што сите го знаеме и за кое што повеќето молчиме, не преземајќи ништо за да се промени, додека цело ова време сѐ што се случува е на наша штета:

Дискриминирани сме како Македонци кога станува збор за нашите права да ги почитуваме најголемите верски празници и обичаи, како и основните човекови права за самоопределба. Тоа не е случајот со сите останати малцинства чии права и барања без исклучок се дрзнуваат да ги сметаат за приоритет и не смеат а да не ги издигнат на пиедестал! Нивните се поважни од нашите од проста причина што нивните гласови се поважни во изборниот процес затоа што многу лесно се пазарат со нив на сметка на нашето постоење! Само да се биде на власт, па макар и по цена на етноцид врз Македонците, во нивната држава, на нивната територија, во XXI век!

Во вчерашните (4 јуни 2020) редици пред маркетите кои беа долги и по 30-40 метри, можеби и повеќе, имаше болни, стари луѓе, бремени жени, луѓе со мака… се трудеа да бидат сталожени, на некои тешко им успеваше, ама сепак чекаа да дојдат на ред за да можат да испазарат за затворот кој им следи од 21:00ч. вечерта до понеделник 05:00ч. ТРИ ДЕНА и ОСУМ ЧАСА или точно 80 часа.

Но, ни трага ни глас од покажување на незадоволството со кое веќе очигледно прилично се борат…

Како ние како Македонци можеме да ја издржиме оваа диктатура, оваа репресија, дискриминација, сегрегација, ова етничко непочитување, понижување, овој фашизам? Зошто молчиме? Зарем навистина веруваме дека треба да молчиме затоа што има и полошо? Па што може да биде полошо од ова што нѝ се случува? Смрт? Не е ли подобро да се умре достоинствено, со крената глава отколку како роб во сопствената татковина, во единственото парче земја кое нѝ остана откако нѝ ја распарчија, место на кое што не смееме веќе да се чувствуваме како Македонци, ама изгледа ни како Христијани?

Сѐ ќе издржиме, сигурно. Што сѐ не сме издржале, та и овие непрокопсаниве кои на сила и на нелегален начин се трудат да нѝ го одземат името и историјата, идентитетот. Нелегитимната власт, која во соработка со божемната опозиција која глуми лудило и се однесува како да е седирана, е свесна за позицијата во која се наоѓа, па ги користи сите можни репресивни мерки кои во моментов ги има на располагање за да нѐ држи нас, Македонците, на кратки узди. Сепак, чувствуваат дека веќе не е како порано, не може ниту да биде.

Од 27-ми април 2017 година, кога беше извршен пуч во Собранието на Република Македонија, не помина многу време, но поминаа многу нелегални работи кои насилно беа донесени и беа без одобрување/поддршка од Македонскиот народ – примерот со Референдумот на 30-ти септември 2018 кој и со полнење кутии им пропадна. За секоја од тие работи одделно се колнеа и даваа изјави дека додека дишат нема да се случат, дека сето тоа било во главата на небањатите и вмраната.

Ние, Македонците, ниту сме небањати, ниту сме вмрана која им игра како им свират само за да ги задоволат како куче скитник со фрлена коска за глодање. Гледаме што се случува. Свесни сме дека сега веќе почнавте и затворени да нѐ држите затоа што го губите тлото под нозете и со влевање страв меѓу Македонците ја вршите најстрашната етничка репресија со која сакате да нѝ го скршите духот и љубовта кон Македонија.

Брзате за избори пред да се случи банкротот затоа што без државни пари ниту тоа нема да го направите. Македонците не ве сакаат и не ви веруваат, не само вам, на актуелната хунта, туку и на кастрираната опозиција која не ви пружа никаков отпор затоа што сте договорени да соработувате на иста агенда.

Сево ова ќе помине. Никогаш нема да заборавиме што направивте и што правите. Никогаш нема да ви простиме за ниту едно од вашите злодела. Ама Македонско име НЕМА ДА ЗАГИНЕ! Вашите, пак, ќе бидат испишани со најгнасни букви во Македонската историја. Гробовите нема да ви се знаат затоа што сите ќе се трудат да ве заборават, но ќе паметат што направивте. Вие сте крвници кои се хранат од несреќата на сопствениот народ кој постои со милениуми. Не сте вечни. Македонците се вечни.

Карантинот не може да биде погреб на Македонците. Ние сме насекаде, повеќе сме од вас и никогаш нема да престанеме да се изјаснуваме како Македонци. Сѐ можете да нѝ земете, но душата никогаш. Македонска!

Редакцијата


1. Најголемиот Христијански празник кој го слави воскресението Христово. Според православната традиција, верниците одат во црква или пред црква со свеќа в раце и чекаат полноќ во име на воскресението на Божјиот син. Потоа традиционално се кршат вапцаните јајца и се чека свеќата да догори. Со тоа симболично се обележува и крајот на велигденските пости.
Според православната црква, Велигден е празник на Воскресението на Господ Исус Христос. Воскресението Христово е Празник над празниците, Торжество над торжествата и Слава на Бога Воскреснатиот. Велигден е центарот на Православната вера и празнување. За верните, периодот пред Велигден, е долго патување исполнето со покајание, прошка, измирување, молитва, пост и учење. Со пристигнувањето на Велигден, се празнува победата на Животот над смртта преку извршување на неколку богослужби комбинирани во една.

2. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

3. Извор: https://www.worldometers.info/coronavirus/

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

− 2 = 7