За предвидувањето на Тито за Југославија после неговата смрт и околу неговиот несуден наследник

На 25 февруари, 2014 г. македонскиот интернет портал mkd.mk објави еден текст под наслов „Американски дипломат: Тито го предвидел распадот на Југославија“.1
Овој текст е превод на македонски јазик на текст објавен на српски јазик на интернет изданието на српскиот весник Политика, на истиот ден 25 февруари, 2014 г. под наслов „Тито предвидео распад Југославије“.2 Текстот во српска Политика од авторот Д.Вукотиќ е всушност краток осврт на еден есеј-сеќавање на Тито, објавен на англиски јазик во овогодишното февруарско издание на американскиот дипломатски журнал American Diplomacy, под наслов “Tito—Personal Reflections”3 и негов автор е долгогодишниот американски дипломат Волтер Р. Робертс.4
Во овој свој есеј-сеќавање на некои од неговите средби со Тито и околностите во кои тие се случиле, американскиот дипломат и своеверемено службник во американската амбасада во СФРЈ, Волтер Р. Робертс, како што е наведено во освртот, изнел некои детаљи кои се помалку познати за пошироката јавност. Сепак, фокусот во освртот на Д.Вукотиќ, објавен во српска Политика а пренесен и на македонскиот интернет портал mkd.mk, е насочен кон наводната изјава на Тито дека после неговата смрт Југославија ќе се распадне. Волтер Р. Робертс го изнесува овој интересен детаљ во еден од пасусите на последниот, петти дел на својот есеј, во кој објаснува за една средба помеѓу американскиот дипломат Аверел Хариман5 и Тито на Бриони во 1965 г. Средбата од американска страна имала за цел да го натера Тито да помогне или да интервенира кај Хо Ши Мин6 за побрзо да се заврши војната во Виетнам, но Тито не бил многу воодушевен од таквата идеја. Сепак, како што пренесува Робертс, Јосип Броз и Аверел Хариман на таа средба оствариле пријателство и се сретнале уште неколку пати пред смртта на Тито во 1980 г. Реченицата од интерес во есејот на Робертс, во превод на македонски гласи:

„Сопругата на Хариман, Памела Черчил (снаата на Винстон) во 1992 г. ми кажа дека таа и Аверел го посетиле Тито во 1979 г. и при таа посета Тито предвидел дека после неговата смрт Југославија ќе се распадне.“

Робертс, во својот есеј на ова додал: „Како што и навистина се распадна.“7

Уште веднаш по самото формирање на пост-воена федеративна Југославија, во популарната и научната литература во т.н. „западен свет“8 се појавуваат многу дела во кои се анализира нејзиниот економски и општествен развој, со посебен акцент на политичките збиднувања и пресврти9 под раководство на КПЈ10 на чело со Јосип Броз Тито. Честопати во таквите дела, во времето додека Тито беше сеуште жив, на директен или индиректен начин се изнесуваа претпоставки и предвидувања за тоа што ќе се случи со Југославија, и кој би можел да го наследи нејзиниот маршал и неприкосновен лидер после неговата смрт. Во таквите претпоставки, предвидувања и анализи секако предничеле тајните извештаи на разузнувачките служби, особено на големите и во тоа време блоковски спротивставени супер-сили САД и СССР, ако за ништо друго тогаш заради фактот дека според тие тајни извештаи во поголема или помала мерка истите супер-сили ја формирале својата политика и односот спрема Југославија и нејзините народи.

Во еден таков таен извештај на американската Централна разузнувачка агенција11 од ноември 1970 г.12 на шеесетина страници се анализираат состојбите во тогашна Југославија и можниот наследник на Тито. Извештајот носи описен наслов: „Југославија – Истрошената структура“13, и преку него може да се насети песимизмот на ЦИА за опстанокот на СФРЈ изнесен во самиот извештај. Додека за можниот наследник на лидерот Јосип Броз Тито, на страна 49 се вели:

„Од можните темни коњи помеѓу младите лидери, се чини дека Македонецот Крсте Црвенковски14 е во водство, и можеби тој ќе биде оној што на крај ќе го наследи Кардељ. Уште од јуни 1969 г. Црвенковски беше опишан како најамбициозниот член на Извршниот Совет. Во извештајот на (…)15 за состанокот на Извршниот Совет од 16-17 март 1970 г., на којшто наводно се дискутирало за можноста на Титовото одење во пензија, се додава дека според мислењето на поголем број прогресивци во СКЈ, Црвенковски би бил најдобриот избор за да го наследи Тито. Македонецот Црвенковски има повеќе следбеници од Словенецот Кардељ, тој е интелектуалец, анти-Советски настроен, и е благонаклонет кон подобри односи со Албанија. Негова предност е тоа што тој не е ниту Хрват, ниту Србин. Тој е гласноговорник и заштитник на автономијата на републиките, но исто така ја признава потребата од зачувување на интегритетот на Југославија; во оваа смисла тој би бил фигура на компромис. Исто така во минатото го бранел концептот на плурализам, вклучувајќи ја и можноста за постоење на лојална опозиција во централните институции на режимот. “16

Од ова може да се заклучи дека помеѓу самиот политички врв на тогашна Југославија, Македонецот Крсте Црвенковски котирал високо како можен наследник на лидерската позиција после Титовата смрт или негова евентуална пензија. Во вториот дел од цитираниот пасус, по однос на застанувањето на кормилото на пост-Титова Југославија од страна на Црвенковски, во извесна мерка заради способностите, карактеристиките и пројавените насоки во неговото политичко делување до тогаш, се разбира со посебен акцент на неговото анти-Советскo настроение, како да провејува и премолчaна поддршка од самата ЦИА. Ова мислење на аналитичарите од ЦИА се потврдува уште еднаш на последните страници од овој извештај, каде, подреден според азбучен редослед, стои и индекс на личностите споменати во него, како и кратки биографски белешки. Во индексот, на страна 54, за Крсте Црвенковски е запишано следново:

„Црвенковски, Крсте – Член на Извршниот совет и на Президиумот на СКЈ, Црвенковски предходно беше предводник на Македонската Партија (сè додека унапредувањето не побара негово напуштање на оваа позиција) и најверојатно сеуште е со најсилно влијание врз Македонската Партија. Тој ја предводеше привремената Комисија на СКЈ што го истражуваше случајот со Ранковиќ и ја предводеше привремената комисија при составувањето на главната резолуција на Деветтиот конгрес. Роден во 1921 г., Црвенковски врши големо влијание врз работите на Партијата денес и мора да биде сметан за водечки кандидат во наследувањето на лидерската позиција после Тито.“17

Познато е дека заради сплет на околности и настани кои се случуваа во Југославија на крајот на 60те и почетокот на 70те години (што се делумно опишани во овој извештај на ЦИА18), Крсте Црвенковски само неколку години после овој извештај од 1970 г. и покрај ваквите предвидувања и неговото можно искачување на врвот на политичката моќ во тогашна СФРЈ, паѓа во немилост на Тито и Партијата, и на радост на неговиот македонски соперник Лазар Колишевски (и луѓето што гравитираа околу него), е отстранет од сите поважни сојузни и републички функции кои дотогаш ги имаше. Со тоа, иако неговата судбина после не беше нималку страшна во споредба со некои други случаи во Југославија, како да се потврди многупати повторената синтагма дека „револуцијата си ги јаде своите деца“.

На преминот помеѓу 80-90те години од минатиот век, во зародишот на расцепот на федеративна Југославија, и осамостојувањето на Македонија, Крсте Црвенковски на одмината возраст се обидува своето знаење и искуство да го пренесе на помладите генерации преку издавање на неколку книги со автобиографски карактер. Во една од нив19, со наслов „Подводни гребени на политиката“, издадена во 1993 г. тој го опишува односот на Тито спрема неговите неистомисленици. На содржајното прашање на новинарот Јован Филип:

„Анализирајќи го Титовиот однос спрема поединци, ќе се покаже дека без оглед колку тој некому му бил наклонет, кога станувало збор за некоја негова лична позиција или престиж, едноставно го туркал како ништо да не постоело меѓу нив. Таков беше неговиот однос спрема Ранковиќ и по Брионскиот пленум, но таква превртливост ќе покаже и во 68., во студентските демонстрации. Прво ќе се солидаризира со студентите, а потоа ќе ги осуди. Истиот однос ќе го покаже и спрема хрватското раководство, спрема Трипало, Савка Дабчевиќ и спрема други со кои до 68. Година е близок, а во хрватската пролет безобѕирно ќе се откаже од нив. Каков е Вашиот впечаток за односот на Тито спрема своите соработници?“20

Крсте Црвенковски мошне отворено одговара:

„Во однос на луѓето Тито се држеше до една опасна комунистичка кауза: „Додека ти е идеолошки истомисленик, и пријател ти е. Кога ќе престане да ти биде идеолошки и политички истомисленик и кога ќе почне да развива некој друг курс, тогаш тој не ти е пријател, туку непријател!“ Ова најубаво го објасни Пепца Кардељ во едно интервју објавено во едно женско списание. Говорејќи за својот сопруг Едвард Кардељ, на прашањето кој сè му беше пријател на Тито таа рече: „Имаше многу пријатели, но доколку скршнеа од политичкиот курс тој со нив веќе не одржуваше никакви контакти.“ Тоа, општо земено, е така во комунистичкиот свет. Доволно е да се фрли некоја сенка врз човекот и… прекинуваат пријателствата. Инаку, на Тито од интимните пријатели Ранковиќ му беше еден од најдоверливите. Во него имаше голема верба, а беа и интимни пријатели. Тито ги немаше многу. Поинтимни пријатели му беа двајца: Иван Крајачиќ – Стево (министер за внатрешни работи) и Крлежа.“21

Овој мошне искрен одговор на Крсте Црвенковски дава појасна слика за тоа на каков начин Јосип Броз Тито, неприкосновениот лидер на Југославија, се однесувал спрема своите најблиски соработници, и луѓето коишто требаше да го наследат на лидерската позиција. Ако во овој одговор се чувствува некаква генерализација во тоа однесување, во одговор на едно друго прашање, Крсте Црвенковски јасно го опишува личниот однос на Тито спрема него после паѓањето во немилост.

„Од 1974 година па натаму не се имавте видено со Тито?

Неколкупати побарав да се сретнам со Тито, што преку Доланца22, што преку писма. Доланц постојано ми велеше дека Тито е зафатен, но дека ќе ме прими. По 1974 то ниеднаш не се случи. Од човечка гледна точка Тито се огреши спрема мене. Бевме толку блиски соработници, а тој не најде за потребно да создаде можност за средба.“23

Оттука не зачудува, и воопшто не паѓа под сомнеж вистинитоста на Титовата изјава пренесена од американскиот дипломат Волтерс, дека Југославија после неговата смрт ќе се распадне. Таквата изјава била сигурно дадена во миговите на искреност од сознанието дека една повеќемилионска земја, составена од федерални едници, со различни народи со свои сопствени истории и култури и толку многу противречности, не може да опстои врз непримерното и повеќедецениско градење на култ на личноста. Процес во којшто самата таа личност сесрдно учествуваше.
Се чини дека идеолошката подобност и следењето на одредениот политички курс за кои споменуваат Крсте Црвенковски и Пепца Кардељ, ако не во самиот почеток, тогаш сигурно со текот на времето беше неприкосновен домен и посед на самиот Јосип Броз Тито, кој воедно беше и гарант за нивното спроведување во пракса. Неговата смрт значеше и крај на тој гарант којшто можеше беспоговорно да го одредува зацртаниот курс по којшто треба да се оди, и неговото заминување особено тешко им падна на тие што не знаеа и во голема мерка и денеска не знаат и не сакаат да знаат за ништо друго освен за „Титовиот пат“.

По однос на некои од погледите кон одредени прашања, а според тоа и насоките и зацртаните правци на политичко делување на Крсте Црвенковски од 60те и 70те години на минатиот век (дел од кој се споменати погоре во извештајот на ЦИА), во овој контекст интересно е овде да се наведе и едно негово мислење што заради состојбата во која денеска се наоѓа Македонија звучи мошне актуелно. Имено, во погоре споменатата книга, на едно прашање на новинарот Јован Филип за состојбата во која се наоѓаат и живеат Македонците во соседните држави и особено во Бугарија, и нивното институционално и отворено негирање на македонската национална посебност, Крсте Црвенковски во својот поопширен одговор, меѓу другото се присетува и цитира дел од едно негово излагање што го изнел на партиско советување за истите проблеми, одржано во Македонија во 1964 г.
Осврнувајќи се и на проблемите со кои Македонците се соочувале и во рамките на федерацијата, а не само надвор од неа, тој вели:

„до колку на словенството му се даде поголемо значење со тоа што го има самото по себе, тогаш тоа може да предизвика процеси на асимилација при што српските национални идеолози инсистирајќи на југословенството, под тоа ќе подразбираат постепено преспојување на сите народи на Југославија во една југословенска нација со еден јазик (српскиот)24 и тотална асимилација т.е. исчезнување на другите јазици.“25


Автор: Гоце Панговски
Објавено во електронско списание „Македонска Ризница“ бр. 23, јуни 2014, стр. 10-17.


Фусноти

1http://www.mkd.mk/svet/analizi/amerikanski-diplomat-tito-go-predvidel-raspadot-na-jugoslavija

2http://www.politika.rs/rubrike/region/Tito-predvideo-raspad-Jugoslavije.sr.html

3http://www.unc.edu/depts/diplomat/item/2014/0105/ca/roberts_tito.html

4 Walter R. Roberts (роден 1916). На интернет страната каде што е објавен споменатиот есеј-сеќавање, за неговиот автор е напишано следното: „Др. Волтер Р. Робертс ја започнал неговата државна служба преку Гласот на Америка. Од државната служба се пензионирал на позицијата Заменик Директор на Информативната Агенција на САД. Претседателот Џорџ Х. В. Буш (постариот, з. м.) го назначил, а претседателот Бил Клинтон го реназначил за член на Советодавната Комисија за Јавна Дипломатија на САД. Тој е автор на книгата „Тито, Михајловиќ и Сојузниците, 1941-1945“ и на многу статии за надворешната политика.“

5 Averell Harriman (1891-1986). Американски бизнисмен, политичар и дипломат.

6 Hồ Chí Minh (1890-1969). Виетнамски комунистички револуционерен лидер, а подоцна и премиер и претседател на Виетнам.

7 Во оригиналот на англиски стои: “Harriman’s wife, Pamela Churchill (Winston’s daughter in law) told me in 1992 that she and Averell visited Tito in 1979 at which time Tito predicted that after his death, Yugoslavia would fall apart. As indeed it did.”
Превод од англиски на македонски јазик Гоце Панговски.

8 Земјите на западна Европа и особено во САД.

9 Како на пример фамозната резолуција на Информбирото од 1948 г.

10 Комунистичка Партија на Југославија, подоцна преименувана во СКЈ – Сојуз на Комунистите на Југославија.

11 Central Intelligence Agency, понатаму во текстот означена со ЦИА.

12 Извештајот, како што стои на насловната страница, е декласифициран т.е. од него е тргнат превезот на тајната (освен за имињата на соработниците кои директно доставувале важни информациии) и одобрен за објавување во мај 2007 г.

13 Насловот е позајмен од дел од изјава на Милован Ѓилас објавена во американскиот весник Њујорк Тајмс од 30 октомври, 1970 г. и пренесена на почетокот од извештајот, во која, своевидниот југословенски дисидент и поранешен близок соработник на Јосип Броз Тито, опоменува дека замената на „истрошените структури“ со исти такви ја отвара можноста за Советска интервенција во Југославија.

14 Крсте Црвенковски (1921-2001). Македонски комунистички деец и политичар со највисоки републички и сојузни функции во поранешната федеративна Југославија.

15 Во декласифицираниот извештај одобрен за јавноста овој дел е цензуриран т.е. избришан. Најверојатно цензурираниот-избришан дел се крие името на соработникот којшто доставувал директни информации до ЦИА.

16 Превод од англиски на македонски јазик Гоце Панговски.

17 Превод од англиски на македонски јазик Гоце Панговски.

18 Масовните студентски демонстрации во 1968 г., случајот со т.н. „Хрватска пролет“, итн.

19 Во книгата всушност се напечатени разговорите т.е. интервјуата на Крсте Црвенковски во кои се опфатени повеќе теми, снимени во период од неколку месеци на магнетофонска лента со новинарот Јован Филип, а во издание на Македонско Радио т.е. МРТв.

20 Јован Филип „Подводни гребени на политиката, разговори со Крсте Црвенковски“, Македонско Радио, Скопје, 1993, стр. 116.

21 Истото, стр. 116-117

22 Stane Dolanc (1925-1999). Словенечки комунистички деец и политичар со високи републички и сојузни функции во поранешната федеративна Југославија. Мошне близок со Ј.Б.Тито во последните години од неговиот живот.

23 Јован Филип „Подводни гребени на политиката, разговори со Крсте Црвенковски“, Македонско Радио, Скопје, 1993, стр. 187.

24 Заградите стојат така во оригиналот.

25 Јован Филип „Подводни гребени на политиката, разговори со Крсте Црвенковски“, Македонско Радио, Скопје, 1993, стр. 110.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

45 − 40 =