Дојдете кој од каде Варвари

Петре М. Андреевски

Дојдете кој од каде Варвари
кренете го повисоко сонцето
и кажете му да не заоѓа
дури е со нас, дури е над нас,
оти ние сме постари од него.

Земете си ја само омразата
кон своите родители и роднини,
земете го и гревот и гневот
и запалете ги куќите и амбарите
стоговите сено и посевите
и водата и солта во солзите,
нека пиштат и змиите и ѕверовите,
камењата, птиците и металите
и тревата- нашата прва постела.

И од плачот нека се урне небото,
нека врне пепел и живожарица
на се онаму од оние онде.
Нека остане само сонцето
да се чуди на што да угрее!

Дојдете кој од каде како,
кое како кој и кој од каде било,
да им покажеме таму ними,
таму сега и за таму тогаш,
оти ние сме се уште Варвари
а нам само смртта ни прилега.

Не е срамно ако умреме до еден,
но голем срам е, ести голем,
ако останеме без нашето име
од кое уште се плашат ко од чума.

А без име, векутуми, а без него
и гробовите ќе ни бидат празни.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

+ 66 = 72