Борбата за Македонија никогаш нема да престане!

Македонците од дамнина се запишани во светите книги:
Во текот на ноќта, Павле имаше видение: еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“
Дела Ап. 16-9.
Со векови окованата во пранги и поробена, Македонија пиштејќи ги раѓаше своите непокорни деца кои се бореа за своите правдини и за сонцето на слободата.

Фрагмент од „Битката кај Ис“
на кој се гледа Александар III Македонски

Како Македонци, низ историјата сме покажале колкава нѝ е силата и духот. Уште постоиме. Во нашето семејно стебло стои името на Филип II и Александар III Македонски, оној кој во негово време стигнал до крајот на тогаш познатиот свет. Патем освојувал и ја почитувал традицијата на сите кои станувале дел од неговото царство. Голем воин. И човек. И Македонец.

Има многу историја во нашата крв, но и многу крв во нашата историја. Превирања, војни, етноцид, ѕверства, сѐ има, сѐ. Се обиделе да нѐ уништат на сите можни начини и не успеале. Го сакале нашето име, нашата земја, нашата историја, нашите подвизи, песни, традиција, уметност… нашиот идентитет.

Блаже Конески ќе рече:
„Името нѝ е големо, ќе сакаат да ни го земат.“

Во неговата песна „Дојдете кој од каде Варвари“ Петре М. Андреевски само посуптилно ќе објасни:
„… Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е, ести голем,
ако останеме без нашето име од кое уште се плашат ко од чума.
А без име и гробовите ќе ни бидат празни“

Лудилото во кое живееме нѐ соочува само со еден предизвик: сочувување на името. Зашто името е идентитетот. Името е родовата памет на Македонскиот народ. Името е свето и светло и старо, многу старо. Од почетокот на времето, наше си е и не го даваме.

Не сакаме туѓо. Ја сакаме вистината и правдината. Името наше е Македонија. Преживеала заедно преку нашите претци кои ни го прераскажуваа славното минато и премрежијата нам и на нашите потомци.

Насекаде сме. Ние, Македонците. И велат дека нѐ нема, а секаде нѐ има. Вие нѐ рассеавте за да не постоиме, но пирејот расте и успева и на најневозможните места.

Конечно, она што нѝ е во душата не припаѓа никому, наше е. Вие кои не го чувствувате со жар на деца за нивната мајка знајте дека ние маќеа не сакаме. Една е Македонија, и жива е!

Во борба, македонски народе!